Во разговор со иранскиот министер Абас Арагчи, Ванг истакнал дека Пекинг „го негува традиционалното пријателство меѓу Кина и Иран“. Според извештајот на државната телевизија ЦЦТВ, додал: „Го поддржуваме Иран во одбраната на неговиот суверенитет, безбедност, територијален интегритет и национално достоинство, како и во заштитата на неговите легитимни права и интереси“.
Ванг порачал дека Кина ги повикува Соединетите Американски Држави и Израел веднаш да ги запрат воените операции. „Ги повикуваме САД и Израел веднаш да ги прекинат воените операции, да избегнат понатамошна ескалација на тензиите и да спречат ширење на конфликтот на целиот регион на Блиски Исток“, рекол Ванг, пренесува ЦЦТВ.
Во разговор со оманскиот министер за надворешни работи Бадр Албусаиди, Ванг ги обвинил САД и Израел за „намерно поттикнување војна против Иран“, со што се „кршат целите и принципите на Повелбата на Обединетите нации“. Порачал дека Кина е подготвена да преземе активна улога во решавањето на кризата. „Кина е подготвена да одигра конструктивна улога, залагајќи се за правда, мир и запирање на војната преку платформата на Советот за безбедност на ОН“, му рекол Ванг на Албусаиди.
Во разговор со францускиот колега Жан-Ноел Баро, кинескиот министер предупредил дека на светот му се заканува „враќање на законот на џунглата“. „Големите сили не можат самоволно да напаѓаат други земји врз основа на својата воена надмоќ“, истакнал тој. Заклучил дека „иранското нуклеарно прашање на крај мора да се врати на патот на политичкото и дипломатско решение“.






