Пекинг истакна дека воената операција претставува кршење на меѓународното право, наведувајќи во соопштение дека се „длабоко шокирани и силно ја осудуваат употребата на сила од страна на САД против суверена земја и употребата на сила против претседателот на земјата“.
„Кина цврсто се спротивставува на таквото хегемонистичко однесување на САД, кое сериозно го крши меѓународното право, го нарушува суверенитетот на Венецуела и го загрозува мирот и безбедноста во Јужна Америка и на Карибите“, се вели во соопштението.
На крајот, беше упатен директен повик до Соединетите Американски Држави. „Ги повикуваме САД да се придржуваат кон меѓународното право и целите и принципите на Повелбата на ОН и да престанат да го кршат суверенитетот и безбедноста на другите земји“, се заклучува во соопштението на кинеското министерство.
Соединетите Американски Држави ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот долгогодишен претседател Николас Мадуро, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, по месеци притисок врз Мадуро поради недокажани обвиненија за трговија со дрога и наводен недостиг од легитимитет.
Вашингтон не интервенирал директно во Јужна Америка од инвазијата на Панама во 1989 година, со која беше соборен воениот лидер Мануел Нориега под слични обвиненија.
„Соединетите Американски Држави успешно извршија големи напади врз Венецуела и нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро, кој, заедно со неговата сопруга, беше заробен и протеран од земјата“, напиша Трамп во објава на неговата социјална мрежа Трут соушал.
Пред нападите кои ги спроведоа во ноќта, САД го обвинија Мадуро за водење „нарко-држава“ и измама на минатогодишните избори, за кои опозицијата тврди дека победила со убедливо мнозинство. Венецуелскиот лидер, кој го наследи Хуго Чавез во 2013 година, кажа дека Вашингтон сака контрола врз нафтените резерви на јужноамериканската земја, најголемите во светот.
Венецуелската влада соопшти дека цивили и припадници на војската биле убиени во нападите, но не даде конкретни бројки.






