Тајван не набавува енергенси од Кина и добива околу една третина од својот течен гас од Катар, а управата на одметнатиот остров објави дека обезбедила алтернативни добавувачи за претстојниот период, вклучително и некои од Соединетите Американски Држави, пренесува Ројтерс.
Портпаролот на кинеската Канцеларија за работи со Тајван Чен Бинхуа им кажа на новинарите во Пекинг дека „мирното повторно обединување“ ќе донесе подобра заштита на енергетската и ресурсна безбедност на Тајван, со „силна татковина“ како поддршка.
„Подготвени сме да им обезбедиме на тајванските сонародници стабилна и сигурна енергетска и ресурсна безбедност, за да можат да живеат подобро“, кажа тој кога беше прашан за снабдувањето со енергија на Тајван за време на војната на Блискиот Исток.
Претседателот на Тајван Лаи Чинг Те повтори денес дека снабдувањето со енергија за овој и следниот месец е загарантирано и дека од јуни ќе се увезува повеќе американски гас.
„Тајван усвои разновиден и повеќеизворен стратегиски пристап кон увозот на енергија“, рече Лаи, според соопштението од неговата партија.
Кина долго време му нуди на Тајван автономија според принципот „една земја, два система“ доколку се согласи да биде ставен под контрола на Пекинг, што ниту една од главните политички партии во Тајван не го поддржува.
Кинеската новинска агенција Синхуа во октомври минатата година објави какви придобивки ќе има Тајван по „повторното обединување“, вклучително и економска поддршка, но додаде дека островот мора да биде управуван од „патриоти“.
Кина никогаш не се откажала од употреба на сила за да го врати Тајван под своја контрола.
Кина е најголемиот увозник на нафта во светот и минатата недела го забрани извозот на гориво барем до крајот на март во обид да спречи домашен недостиг, велат изворите, ограничувајќи го извозот кој минатата година изнесуваше вкупно 22 милијарди долари.
Владите ширум светот се борат за алтернативни извори на енергија поради војната на Блискиот Исток и прекинот на бродските линии низ Ормускиот теснец.






