Вечните соперници Индија и Пакистан се согласија на прекин на огнот на 10 мај, по четиридневни борби, најлошите во речиси три децении. Тензиите меѓу нуклеарно вооружените соседи ескалираа по нападот во индискиот дел од Кашмир на 22 април, во кој загинаа 26 лица. Индија го обвинува Пакистан за нападот, но Исламабад негираше каква било вмешаност.
Пакистанскиот министер за надворешни работи Исхак Дар вчера во Пекинг се сретна со својот колега Ванг Ји. „Кина ги поздравува и поддржува напорите на Пакистан и Индија за решавање на нивните разлики преку дијалог и постигнување на сеопфатен и траен прекин на огнот“, изјави Ванг.
Ванг изјави за Дар дека Кина ќе го поддржи Пакистан во заштитата на неговиот национален суверенитет и територијален интегритет, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи. Покрај одржувањето блиска комуникација, двете земји се согласија за поголема соработка во трговијата, инвестициите, земјоделството, индустријализацијата и други сектори, соопшти пакистанското Министерство за надворешни работи.