сабота, 17 мај 2025

Кина ја разгледува понудата на САД за разговори за царините: Вашингтон мора да покаже искреност во преговорите

Пекинг ја разгледува понудата на Вашингтон за разговори за царините од 145 отсто што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти кинеското Министерство за трговија, предупредувајќи ги САД дека мора да покажат дека нивните намери се „искрени“.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Министерството за трговија во Пекинг соопшти дека САД се обратиле до Кина за да побараат разговори за царините на Трамп и дека вратата на Пекинг е отворена за дискусии, пренесува Ројтерс.

„САД неодамна презедоа иницијатива во неколку наврати да достават информации до Кина преку релевантни страни, велејќи дека се надеваат дека ќе одржат разговори со Кина. Обидот да се искористат разговорите како изговор за принуда и изнуда би пропаднал“, се истакнува во соопштението.

Кинеското министерство додаде дека САД треба да ги исправат своите „погрешни“ постапки и да го откажат воведувањето на еднострани царини, како и дека Вашингтон мора да покаже „искреност“ во преговорите.

Кина подготви список на американски производи што ќе ги ослободи од одмаздничките царини од 125 отсто, вклучувајќи одредени фармацевтски производи, микрочипови и млазни мотори.

Во исто време, американските официјални лица, вклучително и министерот за финансии Скот Бесант и економскиот советник во Белата куќа, Кевин Хасет, исто така рекоа дека се надеваат на напредок во намалувањето на трговските тензии.

„Уверен сум дека Кинезите ќе сакаат да постигнат договор. И како што реков, ова ќе биде процес од повеќе чекори. Прво, треба да ја деескалираме ситуацијата, а потоа… ќе почнеме да се фокусираме на поголем трговски договор“, рече Бесант во интервју за Фокс бизнис нетворк.

Трамп во средата изјави дека верува оти постои „многу голема шанса“ неговата администрација да постигне договор со Кина, неколку часа откако кинескиот претседател Си Џинпинг ги повика официјалните лица да преземат мерки за да се прилагодат на промените во меѓународната средина, без да ги спомене САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ