ТикТок е под закана дека ќе биде забранет во САД доколку нејзината кинеска матична компанија, Бајт денс, не се согласи да го продаде својот удел во американските операции.
„Кога станува збор за ТикТок, Кина многупати го изрази својот став. Позицијата на Кина против воведувањето дополнителни царини е исто така кохерентна и јасна“, изјави Гуо Диакун, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека можеби ќе ги намали царинте за Кина за да помогне во потпишувањето на договорот за продажба на ТикТок, кој е под закана од забрана од САД.
„Кина ќе мора да игра улога (во продажбата на апликацијата), можеби ќе треба да ја одобри, и тие ќе им дадат, можеби ќе им дадам мало намалување на царините“, рече Трамп синоќа додека зборуваше во Белата куќа.
Ова го изјави вчера кога најави нови увозни царини од 25 отсто за сите автомобили и авто делови кои влегуваат во САД. Овие царини беа додадени на долгата листа на царини што американскиот претседател ги користи во трговските и политичките преговори со други земји, пренесува Франс прес.
Во случај на кинески електрични автомобили кои веќе подлежат на царина од 100 отсто од август 2024 година, ова ќе ги зголеми тарифите за 125 отсто.
„Ќе постигнеме некаков договор за задржување на ТикТок во САД“, рече Трамп.
Веднаш по неговата инаугурација на 20 јануари, тој даде одложување од 75 дена, до 5 април, за матичната компанија на ТикТок, Бајт денс, да постигне договор за продажба на своите операции во САД.
По тој рок, доколку не се продаде, таа многу популарна платформа ќе биде забранета во САД, каде што има 170 милиони корисници, врз основа на законот усвоен минатата година за време на администрацијата на Џо Бајден, повикувајќи се на заштита на националната безбедност на земјата.
Трамп рече дека е подготвен да го продолжи рокот за наоѓање купувач кој не е од Кина за платформата.
Тој рече дека очекува барем контурите на договорот да се видат до продолжениот рок за тоа, од 5-ти април.
Најголемата тешкотија во финализирање на договорот за продажба на платформата, чија вредност е десетици милијарди долари, отсекогаш била обезбедувањето на согласност од Пекинг, пренесува Би-би-си.
Овој месец, САД ги зголемија царините за целиот увоз од Кина на 20 отсто. Ова ги удвои царините за кинеските производи што Трамп ги воведе во таа земја на 4 февруари. Царини од 10 отсто беа двојно зголемени на 20 отсто на 4 март.
Кина ги повикува САД да се вратат на дијалогот со Пекинг што е можно поскоро.






