среда, 10 декември 2025

Кина ја обвини Енвидија дека ги крши нејзините антимонополски закони

Кина денес ја обвини американската компанија Енвидија за кршење на антимонополските закони на земјата и порача дека ќе го засили надзорот врз најголемиот производител на чипови во светот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Ова доведе до ескалација на тензиите меѓу Пекинг и Вашингтон, иако двете земји одржаа нова рунда трговски преговори во текот на викендот.

Според кинеските регулатори, прелиминарната истрага покажала дека Енвидија не ги исполнила условите поставени за неа кога ја купила Меланокс технологии, компанија која се занимава со мрежна активност и пренос на податоци.

Соопштението на Државната администрација за регулирање на пазарот содржи само една реченица во која не се споменува никаква казна, но се зборува за спроведување понатамошна истрага.

„Ние се придржуваме кон законот во сите аспекти. Ќе продолжиме да соработуваме со сите релевантни владини агенции додека тие го проценуваат влијанието на извозните контроли врз конкуренцијата на комерцијалните пазари“, изјави портпаролот на Енвидија.

Во декември, регулаторите изјавија дека компанијата е под истрага за прекршоци во нејзиното преземање на Меланокс вредно 6,9 милијарди долари.

Договорот беше склучен во 2020 година откако кинескиот регулатор ѝ даде условно одобрение на Енвидија да ја купи израелската компанија.

Соопштението, направено по трговските разговори меѓу САД и Кина во Шпанија, е најновиот потег „око за око, заб за заб“ меѓу Вашингтон и Пекинг во трговската битка околу полупроводничката технологија и опрема.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ