Британската кралска морнарица објави дека патролниот брод ХМС Спреј извршил рутинска пловидба низ тесниот воден пат како дел од долго планираното распоредување и дека била спроведена во целосна согласност со меѓународното право.
Патролата – прва од страна на британски воен брод во четири години – доаѓа во време кога ударна група на британски носачи на авиони пристигна во регионот за распоредување што ќе трае неколку месеци.
Кина, која го смета Тајван за своја територија, тврди дека теснецот припаѓа на кинеските води. Тајван, САД и многу западни сојузници велат дека тоа е меѓународен воден пат.
Источната команда на Кинеската народноослободителна армија изјави дека пловидбата на бродот била „јавна пропаганда“ и дека нивните сили го следеле и го надгледувале Спреј.
„Изјавите на британската страна ги искривуваат правните принципи и ја заведуваат јавноста; нејзините постапки намерно предизвикуваат проблеми и ги нарушуваат работите, поткопувајќи го мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец“, се вели во соопштението.
Тајванската влада ја поздрави пловидбата.
„Министерството за надворешни работи ја поздравува британската страна за повторното преземање конкретни мерки за одбрана на слободата на пловидбата во Тајванскиот теснец, покажувајќи ја својата цврста позиција дека Тајванскиот теснец е во меѓународните води“, се вели во соопштението на министерството.
Кина ги засили своите вежби околу Тајван во последните пет години, вклучително и организирање воени вежби што ги вознемирија Тајпеј, Вашингтон и Токио.
Претседателот на Тајван Лаи Чинг Те вчера им нареди на одбранбените и безбедносните единици да ги засилат своите напори за надзор и разузнавање како одговор на кинеските воени активности, за кои рече дека не се намалиле дури ни кога се зголемија тензиите на Блискиот Исток.
Утрово, Министерството за одбрана на Тајван објави за уште едно зголемување на кинеските движења во близина на островот во претходните 24 часа, во кое учествувале 50 авиони, концентрирани во теснецот и горниот дел од Јужното Кинеско Море.
Бродови на американската морнарица пловат низ теснецот приближно еднаш на секои два месеци, понекогаш придружени од сојузнички земји.