сабота, 3 мај 2025

Кина ги зголеми царините за американските стоки на 125 отсто

Потегот на Пекинг е одговор на давачките од 125 отсто објавени од Белата куќа претходно оваа недела.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кина ќе ги зголеми царините за американските стоки што доаѓаат во земјата од 84 отсто на 125 отсто, соопштија властите во Пекинг. Нема да има натамошни зголемувања на увозните давачки без разлика што ќе направи Вашингтон во иднина, додаваат тие.

Во средата, американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми царините за кинеските производи на 125 отсто како одговор на мерките што Пекинг ги воведе поради претходните протекционистички економски потези на Вашингтон.

Трамп истакна дека зголемените давачки се со цел да се натера Кина да сфати дека „дерењето на САД и на други земји повеќе не е одржливо ниту прифатливо“.

Комисијата за царини на кинескиот Државен совет денеска соопшти дека царините за американските стоки ќе бидат покачени последен пат, на 125%, почнувајќи од сабота, како одговор на давачките објавени од Трамп.

„Со оглед на фактот дека според сегашното ниво на царините, не постои можност за пазарно прифаќање на американски стоки што се извезуваат во Кина, доколку американската страна во иднина продолжи да воведува царини за кинеските стоки што се извезуваат во САД, кинеската страна ќе го игнорира тоа“, се вели во соопштението.

Комисијата, исто така, ги осуди „ненормално високите царини“ на Трамп за кинеските производи како „еднострано силеџиство и принуда“. Потегот на американскиот претседател претставува „сериозно кршење на меѓународните економски и трговски правила, како и на основните економски закони и здравиот разум“, се нагласува во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ