Пекинг во декември 2024 година воведе ограничувања за овие метали како дел од регулативите насочени против производите за двојна употреба, односно кои можат да се користат за цивилни цели, но и за воени цели, на пример за производство на оружје.
Овие забрани се суспендирани од денес до 27 ноември 2026 година, објави кинеското министерство за трговија.
Со ова Кина ја потврди објавата на Белата куќа од пред неколку дена. Објавата е нов знак за добрата волја на Пекинг, по средбата меѓу претседателите на Кина и САД Си Џинпинг и Доналд Трамп, на 30 октомври во Јужна Кореја.
Тој самит овозможи да се ублажат месеците тензии кои ја погодија и светската економија.
Прашањето за забрана на извозот на ретки метали стана спорна тема меѓу Пекинг и Вашингтон, двата ривали за глобална технолошка доминација.
Кина е главен производител на овие метали. Тие не се класифицирани како ретки земни елементи, тие се друга група важни метали, но се подеднакво неопходни за различни делови од економијата.
Галиумот, кој се наоѓа во интегрираните кола, ЛЕД ламбите и фотоволтаичните панели, се смета за критична сировина, според критериумите на Европската Унија. Германиумот е неопходен за оптичките влакна, а антимонот се користи за енергетска транзиција, а се интегрира во батерии за електрични возила, и се користи и во индустријата за оружје.
Кинеското министерство за трговија денес во кратка изјава објави олеснување на извозните ограничувања за производи поврзани со графит, исто така во рамките на регулативите за производи со двојна употреба. Построгата верификација на крајната употреба на тие производи, објавена во декември 2024 година, исто така е суспендирана до 27 ноември 2026 година.
Во средата Кина објави дека ќе суспендира за една година дел од тарифите наметнати на американските производи среде трговската војна и ги задржа тарифите на десет отсто.
Исто така објави дека ги укинува дополнителните тарифи наметнати од март за соја и други американски земјоделски производи, мерки кои силно ја погодија изборната база на Доналд Трамп.
Трамп објави на крајот на октомври дека Кина се согласила да ги суспендира на една година ограничувањата воведени на 9 октомври за извоз на технологии поврзани со ретки земјени елементи неопходни за одбраната, автомобилската индустрија и електрониката.






