Со зголемување од 2,1 процент, Кина, која континуирано беше најважниот трговски партнер на Германија од 2016 до 2023 година, повторно ги престигна САД, кои беа на првото место во 2024 година, пренесува агенцијата ДПА.
Германската трговија со САД беше погодена во 2025 година од трговските спорови со администрацијата на Трамп. И покрај падот од пет проценти, САД останаа втор најважен партнер на Германија со вкупен обем на трговија од 240,5 милијарди евра.
Повисоките царини и агресивната трговска политика на Трамп не го променија фактот дека минатата година, како и во претходните десет, САД беа најважниот поединечен пазар за производи од германско потекло.
Германските компании продале стока во вредност од 146,2 милијарди евра во САД, што е пад од 9,4 проценти во споредба со 2024 година. Особено големи загуби, 17,8 проценти, беа забележани во автомобилскиот сектор.
На второ место меѓу најважните дестинации за германски извоз е Франција, а на трето Холандија. Кина на оваа листа е на шестото место.
Но, кинеските производи доминираат во увозот во Германија од 2015 година. Кина и минатата година беше убедливо најважната земја снабдувач за Германија, со обем на увоз од 170,6 милијарди евра, што е зголемување од 8,8 проценти, пред Холандија и САД.
Влијанието на трговскиот спор се чувствува и тука. Кина ги пренасочува стоките кон Европа, вклучително и кон германскиот пазар, поради американските царини. Американските производители, од друга страна, имаат корист од полесниот пристап до пазарот на Европската Унија и го зголемуваат извозот во Германија за 2,7 проценти.
Вкупно, во 2025 година, во светот е извезена стока произведени во Германија во вредност од 1.569,6 милијарди евра. Автомобилите, машините и хемиските производи се водечки, според најновите податоци од статистичарите.
Благодарение на силниот декември, извозот се зголеми за еден процент за прв пат по две години, и покрај несогласувањата со САД.
Годишниот увоз во Германија се зголеми за 4,4 проценти, достигнувајќи 1.366,9 милијарди евра.






