Големите кинески авиокомпании денес објавија дека ќе им понудат на патниците целосно враќање на парите за летови до Јапонија резервирани до 31 декември.
Ова е реакција на претходна изјава на јапонската премиерка Санае Такаичи во јапонскиот парламент.
Такаичи изјави дека вооружените напади врз Тајван би можеле да го оправдаат испраќањето на јапонска војска да го брани островот, според одредбите за „колективна самоодбрана“ во јапонскиот закон донесен во 2015 година.
Таа додаде дека во случај на вонредна состојба во Тајван со „распоредување на воени бродови и употреба на сила“ може да претставува закана за опстанокот на Јапонија, без експлицитно да ја спомене Кина.
Кинеската амбасада во Токио ја смета изјавата за отворено провокативна кон Тајван и сериозно нарушување на климата во меѓучовечките односи.
Амбасадата синоќа издаде соопштение во кое ги повикува кинеските граѓани да избегнуваат патувања во Јапонија во блиска иднина, поради „значајни безбедносни ризици“.
Поради изјавата на премиерката Такаичи, Пекинг вчера го повика јапонскиот амбасадор да даде објаснување.
Јапонија го направи истото, по објавата на кинескиот генерален конзул во Осака, Сјуе Џијен, на социјалната мрежа Икс.
Цитирајќи статија за изјавата на јапонската премиерка, тој се заканил дека ќе ја “отсече таа валкана глава без најмало двоумење”.
Објавата во меѓувреме е избришана.






