„Примарната причина за нарушувањето на пловидбата во Ормускиот теснец лежи во нелегалните воени операции што Соединетите Американски Држави и Израел ги спроведуваат против Иран“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг на редовната прес-конференција.
Таа додаде дека само „прекин на огнот и на непријателствата“ ќе ја зачува безбедноста на меѓународниот поморски сообраќај.
Портпаролката на кинеската дипломатија тоа го изјави по изјавата на претседателот на САД Доналд Трамп, во која ги повика земјите што добиваат нафта преку теснецот да преземат контрола над него.
Пекинг го повтори својот повик за итен прекин на непријателствата на Блискиот Исток, наведувајќи дека не постои воено решение за конфликтот.
„Проблемот суштински не може да се реши со воени средства, а заострувањето на непријателствата не е во интерес на ниту една страна“, изјави портпаролката Мао Нинг.
„Уште еднаш ги повикуваме засегнатите страни веднаш да ги прекинат воените операции и што поскоро да започнат мировни преговори“, додаде таа.
Американско-израелските воздушни напади врз Иран започнаа на 28 февруари, по што Иран возврати со напади врз американските бази во регионот, додека Израел започна напади врз југот на Либан, каде што се наоѓа упориштето на либанското движење Хезболах, кое има поддршка од Иран.






