Израелските терористички напади минатиот месец отворија прашања за застарената, претежно руска, воздушна одбрана на Иран. Нападите на Израел врз Иран, насочени кон уништување на неговата нуклеарна програма, врвното воено раководство како и нуклеарните научници, беа јасен пример за недостатоците на противвоздушната одбрана на Иран, која во голема мера зависи од застарени руски системи.
Додека Иран се стреми да ја зајакне својата одбрана, може да се потпре на очигледниот успех на кинеската воздушна моќ во спорот меѓу Индија и Пакистан во мај. Тогаш кинеските борбени авиони се докажаа во воздушна борба.
Неколку медиуми објавија дека ирански одбранбени функционери водат разговори на високо ниво за набавка на повеќенаменски борбени авиони ченгду Ј-10Ц. Израелски функционер побара од Кина да изврши притисок врз Иран да ги ограничи своите воени амбиции.
Портпаролот на министерството за национална одбрана на Кина, коментирајќи ги извештаите дека „неколку земји“ преговараат за купување оружје, вклучувајќи го и авионот Ј-10, потврди дека Кина е подготвена да ги „сподели достигнувања во развојот на својата опрема со пријателски земји“.
Портпаролот Џијанг Бин не го идентификуваше Иран или која било друга земја која преговара за купување на Ј-10, но го изјави тоа по повеќекратните медиумски извештаи дека Иран е во преговори за набавка на кинеско оружје, вклучувајќи го и борбениот авион Ј-10.
Кина, која и самата некогаш беше многу зависна од рускиот увоз, се префрли на развој на сопствени напредни авиони, демонстрирајќи растечка самостојност и конкурентност која би можела да ја надмине Русија.
Земјите што сакаат да стекнат напредни борбени авиони сè повеќе се вртат кон Кина, бидејќи таа се стреми да го зголеми извозот и стратегиските партнерства, додека ги претставува своите авиони на воени вежби. Неодамнешна анализа на Меѓународниот институт за стратегиски студии покажа дека Мјанмар, Пакистан, Тајланд и Обединетите Арапски Емирати се главните купувачи на кинеско оружје.
Тензиите меѓу Иран и Израел остануваат високи поради шпекулациите дека Израел би можел повторно да нападне ако верува дека елементи од иранската нуклеарна програма ги преживеале израелските и американските напади.