вторник, 24 март 2026

Ким Џонг Ун официјално ја прогласи Јужна Кореја за непријателска држава

Лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун официјално ја прогласи Јужна Кореја за непријателска држава во својот воведен говор на првата сесија на 15-тото Врховно народно собрание, објави Корејската централна новинска агенција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Особено ќе ја сметаме Јужна Кореја за најнепријателска држава, целосно ќе ја отфрлиме и игнорираме со најјасни зборови и дела“, истакна тој.

Севернокорејскиот лидер додаде дека секој евентуален напад од Јужна Кореја врз Северна Кореја ќе биде сурово казнет.

„За секоја акција на Јужна Кореја која навлегува во нашата република, ќе ја натераме да плати безмилосна цена, без никаков обѕир или двоумење“, предупреди Ким Џонг Ун.

На крајот на февруари тој целосно ги отфрли сите врски со Јужна Кореја, повторувајќи го принципот на постоење на две одделни и меѓусебно непријателски држави, истакнувајќи дека тие се регистрирани и како две различни земји во Обединетите нации.

Според него, во односите со Сеул „ништо не останало“, а ако има, тогаш тоа е само „ладна пресметка“ заснована на националните интереси на Пјонгјанг и „решително реагирање“.

Во истиот говор на првата седница на 15-тото Врховно народно собрание, Ким Џонг Ун вети дека Северна Кореја никогаш нема да се откаже од својот статус на нуклеарна сила.

„Владата на републиката ќе продолжи доследно да го зајакнува статусот на нуклеарна држава како апсолутно неповратна и офанзивно да ја развива борбата против силите што ни се спротивставуваат, со цел да ги скрши сите нивни провокации против републиката“, кажа тој.

Тој додаде дека властите ќе продолжат да ја модернизираат армијата и одбранбената индустрија, обезбедувајќи ги сите потребни човечки и материјални ресурси за општо вооружување на народот и претворајќи ја земјата во „тврдина“, додека постојано ја зајакнуваат одбранбената моќ на државата.

„Без разлика дали нашите противници избираат конфронтација или мирен соживот – тоа е нивен избор, а ние сме подготвени да одговориме на секој од нив“, нагласи севернокорејскиот лидер.

Според него, за мирот да не биде знак на слабост, туку избор на силните, тој мора да биде придружен со моќна сила.

„Демократска Народна Република Кореја никогаш не го отфрлила мирот и, почнувајќи од најмирната позиција, ниту за момент не ги намалила своите напори за совладување на најсигурните средства за заштита на мирот. Ова е најодговорниот избор не само заради гарантирање на сопствената безбедност, туку и за мирот и одржливата безбедност во регионот и меѓународната заедница“, нагласи Ким Џонг Ун, очигледно мислејќи на нуклеарното оружје.

Тој додаде дека ставот на Пјонгјанг останува „апсолутно непроменет“ да го брани својот суверенитет, систем, право на постоење, безбедност и развој од заканите од непријателските сили со сите расположливи средства.

Според него, севернокорејската влада ќе продолжи да „го вее високо знамето на независноста“, водејќи ги другите по овој пат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ