недела, 14 декември 2025

Катар свика арапски и муслимански самит поради нападот од Израел

Катар денес е домаќин на лидерите на арапските и муслиманските земји за да го осудат нападот од Израел врз претставниците на Хамас во главниот град на Катар и да изразат солидарност со Доха, објави земјата од Персискиот Залив.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролот на министерството за надворешни работи на Катар Маџед ал Ансари изјави дека „нацрт-резолуцијата за израелскиот напад врз државата Катар, која ќе ја предложат шефовите на дипломатиите на арапските и муслиманските земји на подготвителниот министерски состанок во недела, ќе биде разгледана денес“.

Самитот е „одраз на големата арапска и муслиманска солидарност со државата Катар во услови на кукавичка агресија на Израел, како и категоричното отфрлање на државниот тероризам на кој се прибегнува Израел“, изјави портпаролот, чија изјава ја објави националната агенција КНА.

Учеството на самитот го потврдија Иран и Ирак, кои ќе бидат претставени од претседателот Масуд Пазешкијан и премиерот Мохамед Шиа ал Судани.

Канцеларијата на турскиот претседател извести за посетата на Реџеп Таип Ердоган на Доха денес, без да даде дополнителни детали.

Израел изврши напади врз членови на палестинската исламистичка група Хамас во Доха во вторникот, при што беа убиени пет милитанти и еден катарски безбедносен службеник.

Нападот предизвика меѓународна осуда, вклучително и од монархиите од Персискиот Залив и сојузниците на Соединетите Американски Држави. САД се главен сојузник на Израел.

Катар е дом на најголемата американска база во регионот, а Доха, заедно со САД и Египет, игра улога на посредник во завршувањето на војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), една од двете земји од Персискиот Залив што ги нормализираа односите со Израел во 2020 година, го повикаа израелскиот амбасадор во Абу Даби во петок за да му предадат протестна нота.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ