петок, 2 јануари 2026

Каталонската влада: Го селиме претставништвото од Хрватска во Романија, земја со голема тежина во регионот

Каталонската влада објави дека ќе го премести своето претставништво за Југоисточна Европа од Хрватска во Романија, „земја со голема тежина во регионот“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Каталонија, автономен регион во североисточна Шпанија, има претставништво во центарот на Загреб од 2017 година, од каде што ги опфаќа Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Романија, Бугарија, Грција и Кипар.

„Претставништвото за Југоисточна Европа повеќе нема да биде во Хрватска, туку во Романија, земја со голема тежина во регионот поради близината до Балканот, но и до Украина и Молдавија, земји што граничат со Европската Унија и се кандидати за членство во неа“, објави каталонската влада во Барселона.

Претставништвата на Каталонија во светот служат за промоција на културни, економски, спортски и други врски.

Преместувањето на седиштето од Хрватска во Романија се спроведува како дел од реформата на мрежата на претставништва.

Така, претставништвото за Северна Африка ќе биде преместено од Тунис во Мароко, а за јужниот дел од тој континент ќе биде преместено од Јужна Африка во Кенија. Во Бразил, ќе биде со седиште во Сао Паоло наместо во Рио де Жанеиро.

Владата во Барселона истовремено ќе го зголеми бројот на претставништвата во светот од 21 на 24 со отворање канцеларии во Кина, Јордан и Канада.

Застапниците на независноста во Каталонија, каде што живеат 7,5 милиони луѓе, ја загубија власта минатата година на избори за прв пат од 2010 година. Претседател на владата таму е Салвадор Иља, социјалист близок до шпанскиот премиер Педро Санчез.

Левичарската влада на Санчез зависи од поддршката на каталонските сепаратисти во парламентот во Мадрид, па затоа за време на својот сегашен мандат донесе закон за амнестија за учесниците на забранетиот референдум за независност во 2017 година, вети поголема автономија за Каталонија и се залагаше за воведување на каталонскиот јазик како еден од официјалните јазици во ЕУ.

Поранешната каталонска влада предводена од Карлес Пучдемон, кој е во егзил во Белгија, ја прогласи независната република Каталонија пред осум години. Оваа декларација не беше спроведена поради интервенцијата на тогашната конзервативна влада од Мадрид.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ