„Вашингтон се промени. Речиси ништо повеќе не е нормално во Соединетите Држави. Тоа е вистината“, им кажа Карни на пратениците, додавајќи дека Канада продолжува да одржува тековни разговори со американското раководство, вклучувајќи го и телефонскиот разговор со американскиот претседател Доналд Трамп во кој разговарале и за трговските прашања.
Тензиите меѓу Канада и Соединетите Американски Држави дополнително ескалираа во вториот мандат на Доналд Трамп кога Трамп се закани со воведување високи царини за канадските производи – вклучувајќи ги челикот, автомобилите и други индустриски стоки – ако Отава се стреми кон трговски договори со други партнери како што е Кина.
Ваквите закани го натераа Карни да предупреди дека традиционално блиските економски односи меѓу двете земји се „скоро завршени“ и дека Канада мора да ги диверзифицира своите трговски односи надвор од Соединетите Држави.
Карни на Светскиот економски форум во Давос минатиот месец, во говор која одекна низ целиот свет, изнесе критика на политиките на големите сили, нагласувајќи ги промените во глобалниот поредок и имплицирајќи дека Канада и другите „средни сили“ мора посилно да ги здружат силите за да ги заштитат своите интереси во свет кој, како што оцени тој, повеќе не е подреден на старите правила.
Неговата порака предизвика бројни реакции, а односите со Вашингтон станаа една од најважните теми на канадската надворешна и трговска политика.
Односите меѓу Канада и САД традиционално се меѓу најблиските во светот, поттикнати од меѓусебната економска интеграција и речиси еден век трговски врски. Но, по победата на Карни на изборите во 2025 година и неговите ветувања да ги „заштити канадските интереси“ од царините и притисоците на Трамп, тие врски станаа уште покомплицирани. Трамп дури и во минатото јавно ја презентираше идејата Канада да стане „51-ва држава на САД“, што Карни остро ја отфрли.






