Либералната партија на премиерот Карни освои најмногу пратенички мандати на парламентарните избори во Канада, но сè уште не е познато дали ќе мора да оди во коалиција со некоја помала партија, покажуваат прелиминарните резултати.
Се чинеше дека либералите не можат да освојат мнозинство, сè додека американскиот претседател Доналд Трамп не почна да ја напаѓа канадската економија и да го загрозува нејзиниот суверенитет, сугерирајќи дека таа треба да стане 51 држава на САД. Надворешната политика не доминирала на канадските избори од 1988, кога слободната трговија со САД била главното прашање на тие избори.
Во победничкиот говор пред поддржувачите, Карни ја истакна важноста на канадското единство и покрај заканите на Вашингтон. Тој кажа и дека Канада и САД го делеле заемно корисниот систем од завршувањето на Втората светска војна.
„Го пребродивме шокот на американското предавство, но никогаш не смееме да ги заборавиме лекциите“, кажа тој.
„Како што предупредував со месеци, Америка ја сака нашата земја, нашите ресурси, нашата вода, територијата. Ова не се празни закани. Претседателот (на САД Доналд) Трамп се обидува да нè скрши за Америка да може да нè поседува. Тоа никогаш нема да се случи. Но исто така мораме да ја признаеме реалноста дека нашиот свет фундаментално се промени“, наведе тој.
За време на кампањата, Карни вети дека секој долар кој владата ќе го собере од контрацарините на американската роба ќе оди кај канадските работници кои се погодени од трговската војна. Тој кажа и дека планира да понуди намалување на даноците за средната класа и да ја врати имиграцијата на одржливо ниво.
Лидерот на Конзервативната партија Пјер Полјевр кажа дека се надева дека изборите се референдум за поранешниот премиер Џастин Трудо, чија популарност нагло опадна. Тој го призна поразот и вери дека ќе се бори за Канаѓаните и нивното право на „достапен дом во безбедна улица“.