четврток, 29 мај 2025

Канадскиот премиер кај Трамп: Канада никогаш нема да биде на продажба

Канадскиот премиер Марк Карни изјави денес од Овалната канцеларија во Белата куќа дека „Канада не е на продажба и никогаш нема да биде“, само неколку минути откако актуелниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека границата меѓу Соединетите Американски Држави и Канада е „вештачка“ и повторно ја наметнуваше идејата Канада да стане дел од САД.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Трамп кажа дека двајцата лидери нема да разговараат за „анексија“ на Канада од страна на САД, освен ако, како што рече, „некој тоа го посака “. Тој додаде дека во случај на „прекрасен брак“ меѓу двете земји, Канада би имала „огромни придобивки“. Актуелниот американски претседател јавно ја спомена идејата неколку пати, и покрај тоа што канадското раководство постојано ја отфрла.

„Знаете, јас во душата сум градежен претприемач “, им кажа Трамп на новинарите. „Кога ќе ја отстраните таа вештачки нацртана линија… кога ќе ја погледнете таа прекрасна формација кога е споена, јас сум многу уметнички тип.“

Карни брзо возврати, користејќи речник за кој процени дека Трамп ќе го разбере: „Знаете и самите од светот на недвижностите – има места кои едноставно не се продаваат. Ние седиме во едно такво во моментов. Сте ја посетиле и Бакингемската палата. А откако разговарав со „сопствениците на Канада“ во последните неколку месеци, можам да ви кажам – Канада не е на продажба. Никогаш нема да биде. Но, можноста е во партнерството и во она што можеме да го изградиме заедно“, кажа Карни.

На прашањето дали ова одбивање ја отежнува соработката во трговијата и други прашања, Трамп кажа дека не, но сепак додаде: „Но, знаете што велат – никогаш не вели никогаш“.

Ова беше прва средба меѓу Трамп и Карни откако новиот канадски премиер ја презема функцијата. Карни претходно вети дека ќе заземе цврст став кон Вашингтон, особено во врска со трговските спорови и граничните прашања.

Трамп ја започна средбата честитајќи му ја на Карни победата, додавајќи: „Јас сум веројатно најдоброто нешто што му се случило“. „Ќе бидеме пријатели со Канада“, кажа американскиот претседател. „Без разлика што ќе се случи, ние ќе останеме пријатели.“

Кога беше прашан за царините, Трамп беше јасно кажа дека Карни нема да чуе ништо што би довело до укинување на американските џарини за канадските производи. Карни одговори дека тоа е „тема за поширока дискусија“.

Односите меѓу САД и Канада значително се влошија поради царините на Трамп и неговите изјави дека Канада треба да стане 51-ва држава на САД.

Во говорот по неговата изборна победа, Карни рече дека „ерата на продлабочена економска интеграција и тесна безбедносна и воена соработка со САД е завршена“ и ги повика Канаѓаните „фундаментално да го преиспитаат својот економски модел“ поради новите трговски бариери на САД.

Во интервју за Би-би-си минатата недела, Карни кажа дека Канада ќе влезе во трговски и безбедносни разговори со администрацијата на Трамп „исклучиво под свои услови“. Лидерот на канадската Либералната партија стана премиер во март оваа година.

Американските царини од 25 отсто за стоки од Канада кои не се опфатени со ИСМЦА беше воведена на 4 март. Трамп рече дека царините се воведени како казна за фентанилот и мигрантите кои влегуваат во САД од Канада.

Канада возврати со воведување царини за голем број американски производи. Во објава на социјалните мрежи, Трамп напиша: „Не ни требаат нивните автомобили, не ни треба нивната енергија, не ни треба нивното дрво. Не ни треба ништо освен нивното пријателство – кое се надевам дека никогаш нема да го изгубиме. Од друга страна, ним им треба сè од нас!“

За време на викендот, Трамп кажа дека би сакал да разговара за тоа Канада да стане 51-ва земја, но додаде дека не очекува употреба на воена сила. „Не мислам дека таква ситуацијата со Канада. Едноставно не мислам“, изјави тој за Ен-би-си.

Карни кажа дека нема да разговара за влегување на Канада во САД и дека Трамп дури и не му го споменал тоа во нивниот последен телефонски разговор. „Секогаш е важно да се прави разлика помеѓу желбата и реалноста“, кажа Карни минатата недела. „И она што Канаѓаните јасно го ставија до знаење, речиси без исклучок, е дека тоа никогаш, ама баш никогаш нема да се случи.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ