четврток, 22 јануари 2026

Канадскиот премиер ги предупреди САД дека ќе ја поддржи Данска во врска со Гренланд

Канадскиот премиер Марк Карни вчера предупреди дека одлуката за тоа кој е сопственик на Гренланд не му припаѓа на американскиот претседател Доналд Трамп и дека Канада, како членка на НАТО, ќе ја поддржи Данска.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Иднината на Гренланд е одлука за Гренланд и Кралството Данска“, кажа Карни на прес-конференција во Пекинг, по разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг, пренесува Политико.

Карни ги повика сојузниците на НАТО, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави, да „ги почитуваат своите обврски“, нагласувајќи ја својата поддршка за данскиот суверенитет над стратегиски важниот арктички остров кој Трамп се заканува дека ќе го земе.

„Ние сме партнери на НАТО со Данска, па затоа нашето целосно партнерство важи“, кажа Карни.

„Нашата посветеност на Членот 5, Членот 2 од НАТО важи и ние целосно стоиме зад него“, додаде тој.

Членот 5 од Повелбата на НАТО е клучна одредба за колективната одбрана, во која се наведува дека вооружен напад врз една членка се смета за напад врз сите, обврзувајќи ги членовите на заедничка одбрана, додека Членот 2 се однесува на важноста на економската соработка и зајакнувањето на демократските институции како основа на стабилноста, повикувајќи ги членовите мирно да ги решаваат меѓународните спорови и да си помагаат едни на други во економскиот развој.

Темата за Гренланд повторно се актуелизираше по ескалацијата на реториката на Трамп за американските интереси во Арктикот, што ги заостри тензиите меѓу Вашингтон и ЕУ.

Трамп во четвртокот повтори дека на Америка „навистина ѝ е потребен“ Гренланд.

„Ако не влеземе ние, Русија ќе го стори тоа, а Кина ќе го стори тоа. И Данска не може ништо да направи во врска со тоа, но ние можеме да направиме сè во врска со тоа“, кажа Трамп.

Данска објави дека ќе го зголеми своето воено присуство во регионот на Северниот пол и на северот на Атлантски Океан, додека Трамп се обидува да го оправда ставањето на Гренланд под своја контрола од страна на САД, тврдејќи дека Кинезите и Русите имаат свои намери кон Гренланд.

Разговорите меѓу претставниците на Данска и Гренланд со високи американски претставници во средата во Вашингтон завршија со заклучок дека постои „фундаментално несогласување“ меѓу двете страни и беше договорено да се формира работна група со Американците за да се обиде да ги реши разликите околу Гренланд.

Карни кажа дека Гренланд и арктичкиот суверенитет биле исто така тема на неговите разговори со кинескиот претседател Си и дека „нашол голем договор за тоа прашање“.

Канада се согласи да ги намали царините од 100 проценти за кинеските електрични автомобили во замена за пониски царини за канадските земјоделски производи, кажа Карни.

Тој го објави ова по дводневните состаноци со кинеските власти. Тој кажа дека ќе има почетна годишна граница од 49.000 возила за извоз на кинески електрични возила во Канада, која ќе се зголеми на околу 70.000 во следните пет години.

Кина ќе ја намали царината за семе од канола, еден од главните извозни производи на Канада, од 84 на околу 15 проценти, им кажа тој на новинарите.

Карни кажа и дека Кина станала попредвидлив партнер за соработка од САД, соседот и долгогодишен сојузник на Канада.

„Нашиот однос со Кина еволуираше во последните месеци. Тој е многу попредвидлив и гледате резултати од тоа“, оцени Карни.

Тој не успеа да постигне договор со американскиот претседател Доналд Трамп за намалување на некои тарифи кои ги оптоваруваат клучните сектори на канадската економија, а Трамп претходно се закани дека Канада би можела да стане 51-ва американска држава.

Канадскиот премиер оцени дека средбите во Кина биле „историски и продуктивни“.

Тој и кинескиот лидер Си Џинпинг вчера ветија дека ќе ги подобрат односите меѓу нивните земји по годините несогласувања.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ