сабота, 12 јули 2025

Канада се откажува од дигиталниот закон за големите американски компании

Соединетите Американски Држави ќе ги продолжат трговските разговори со Канада веднаш откако Отава ќе го укине данокот за дигитални услуги што им го наметна на американските технолошки компании, изјави денес економскиот советник на Белата куќа, Кевин Хасет.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Апсолутно“, одговори Хасет за Фокс њуз на прашањето за продолжувањето на преговорите.

Претседателот Доналд Трамп побара од Канаѓаните да го укинат данокот на состанокот на Г7 во Канада, кажа тој. „Тоа е нешто што го разгледаа, за кое сега се согласија, а тоа сигурно значи дека можеме да се вратиме на преговорите.“

Канада се откажа од своите планови за воведување нов данок на дигитални услуги на американските технолошки компании само неколку часа пред мерката денес да стапи на сила, во обид да ги придвижи трговските разговори со САД кои се на мртва точка.

Министерството за финансии на Канада доцна вчера соопшти дека премиерот Марк Карни и Трамп ќе ги продолжат трговските разговори на време за да постигнат договор до 21 јули.

„Ѝ благодарам до Канада за укинувањето на данокот на дигитални услуги, кој требаше да ги задуши американските иновации и кој би бил пречка за каков било трговски договор со Америка“, напиша американскиот министер за трговија Хауард Лутник во објава на социјалната мрежа Икс.

Канадскиот премиер Марк Карни му се јавил на американскиот претседател Доналд Трамп синоќа за да го информира дека Канада нема да ги таргетира американските технолошки компании со данок на дигитални услуги во Соединетите Држави, соопшти Белата куќа денес.

Портпаролката на Белата куќа, Каролајн Левит, кажа дека Карни „попуштил“ по ова прашање откако Трамп ги прекина трговските разговори со Канада.

Акциите достигнаа рекордни максимуми на Волстрит во понеделник, поради оптимизмот во врска со трговските разговори на САД со клучните партнери, вклучувајќи ја и Канада.

Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, исто така, изрази оптимистички тон за потенцијална серија трговски договори пред крајниот рок на 9 јули, по што треба да се вратат царините што Доналд Трамп им ги наметна на многу земји на 2 април, кои варираат од 11 до 50 проценти.

Но, Бесент за Блумберг предупреди дека земјите можеби нема да добијат продолжување по тој датум, дури и ако преговараат со добра намера. Секое продолжување зависи од Трамп, кажа Бесент.

Трамп ненадејно ги откажа трговските разговори со Канада во петокот поради дигиталниот данок, нарекувајќи го „очигледен напад“. Тој го повтори тоа во неделата, ветувајќи дека ќе воведе нови царини за канадската стока во рок од една недела, заканувајќи се повторно да ги комплицира релативно мирните односи меѓу САД и Канада.

„Имаме земји кои преговараат со добра намера, но тие треба да бидат свесни дека ако не успееме да постигнеме договор затоа што се тврдоглави, можеме да се вратиме на нивото од 2 април“, кажа Бесент. „Се надевам дека тоа нема да се случи“.

Планираниот канадски дигитален данок беше три проценти од приходите од дигитални услуги над 20 милиони генерирани од канадските корисници за една година, а плаќањата требаше да го опфатат периодот од 2022 година.

Данокот ќе влијаеше на американските технолошки гиганти како Амазон, Таргет, Гугл и Епл.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ