петок, 6 март 2026

Калас: Конфликтот на Блискиот Исток ѝ помага на Русија да ја финансира војната во Украина

Кризата на Блискиот Исток може да ја загрози способноста на Украина да се одбрани од руската агресија, предупреди денес високата претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас. Пред виртуелниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ и нивните колеги од земјите од Персиски залив, Калас им кажа на новинарите дека конфликтот со Иран „јасно влијае на војната во Украина“, првенствено затоа што глобалните залихи за воздушна одбрана, како што се пресретнувачите на беспилотни летала, се исцрпуваат, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Одбранбените капацитети што сега ѝ се потребни на Украина се пренасочуваат кон Блискиот Исток“, кажа Калас. „Тоа се однесува и на ланците на снабдување… системите за воздушна одбрана кои ѝ се потребни на Украина сега се потребни на Блискиот Исток“.

Во последните недели Иран ги гаѓаше американските бази во соседните земји со беспилотни летала и ракети како одмазда за американско-израелските напади на нејзина територија. Земјите од Заливот, како што се Обединетите Арапски Емирати, брзо ги исцрпуваат сопствените залихи за воздушна одбрана за да ги одвратат нападите.

Калас предупреди и дека растот на цените на нафтата предизвикан од војната може да биде во корист на Москва. „Кога цената на нафтата се зголемува, тоа директно ѝ помага на Русија да ја финансира војната“, оцени таа. Глобалните цени на нафтата скокнаа на највисоко ниво од јули минатата година по нападот врз Иран предводен од Вашингтон.

„Затоа мора силно да се залагаме за забрана на поморските услуги со цел решително да се потисне „флотата во сенка“, а со тоа и приходите од нафта со кои Русија ја финансира оваа војна“, додаде Калас. Со ова, таа алудираше на предлогот на ЕУ за забрана на сите услуги кои овозможуваат руски извоз на сурова нафта по море, што е дел од 20-тиот пакет санкции за кој сè уште се дискутира.

Според Калас, Украина би можела да ја искористи својата експертиза во одбраната од руски беспилотни летала и ракети за да им помогне на земјите од Заливот да се одбранат од Иран. „Гледаме дека истите беспилотни летала кои го напаѓаат Киев секој ден сега го напаѓаат Блискиот Исток“, кажа таа.

„Украина може да им помогне на земјите од Заливот бидејќи развила свои пресретнувачи и одбранбени системи против беспилотни летала“. Таа додаде дека прашањето ќе се дискутира на виртуелниот состанок со министрите за надворешни работи на земјите од Заливот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ