Во интервју за Еуроњуз Калас потврди дека ЕУ ќе ги суспендира трговските одредби од Договорот за асоцијација меѓу Израел и ЕУ.
Трговската размена меѓу ЕУ и Израел минатата година изнесуваше 42,6 милијарди евра, од кои околу 37 проценти имаа преференцијален третман.
„Овој чекор дефинитивно ќе има висока цена за Израел“, рече шефицата за надворешна политика на ЕУ.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, во своето обраќање за состојбата на Унијата минатата недела објави дека Брисел ќе ја замрзне финансиската помош и делумно ќе ги суспендира трговските односи со Израел.
Се очекува Комисијата формално да ги одобри предлозите в среда, објави Еуроњуз.
За ова е потребно квалификувано мнозинство од земјите-членки, што значи дека барем една од поголемите земји, Германија или Италија, ќе мора да го поддржи предлогот за да биде усвоен.
Двете земји, додава бриселскиот портал, досега ги блокираа сите предлози на ниво на ЕУ за зголемување на притисокот врз Израел.
Калас рече дека ако земјите што го блокираат воведувањето мерки не се согласат со предложениот план, тогаш треба да дадат алтернативни решенија, особено ако признаат дека ситуацијата на терен во Газа е „неодржлива“.
Таа додаде дека имало интензивна дискусија за ова во Советот за надворешни работи.
„Моето прашање до сите колеги, бидејќи не е само Германија во прашање, беше дека ако се согласувате дека ситуацијата е исклучително сериозна, катастрофална и неодржлива, тогаш прашањето е што треба да направиме во врска со тоа? Ако не ги поддржувате овие мерки, какви мерки можете да поддржите? Дајте алтернативи“, рече Калас.
Порталот Еурактив пишува дека Европската комисија утре ќе предложи казнени мерки против Израел, кои, покрај суспензијата на трговскиот дел од Договорот за асоцијација, вклучуваат и санкции против екстремистичките членови на израелската влада и насилните израелски доселеници на Западниот Брег.






