„Како знак на нашата посветеност, можам да објавам дека ЕУ почна постепено да ги укинува мерките воведени во јуни 2023 година. Оваа одлука отвора пат кон поголеми можности за развој на Косово и поблиска поврзаност со Европа“, кажа таа вчера на прес-конференција.
Таа истакна дека лично учествувала во убедувањето на земјите членки на ЕУ да ги укинат мерките против Приштина.
„Јас лично ги убедувам земјите членки дека мора да ги укинеме мерките против Косово, но некои велат дека Косово мора да го почитува Охридскиот договор и дека ескалацијата на северот не е во согласност со тоа. Ние сме подготвени да преземеме наши чекори, но навистина треба да видиме деескалација на северот“, рече таа.
Таа не прецизираше кога започнало укинувањето на мерките, ниту кои мерки се укинати досега, но додаде дека оваа одлука „отвора врата кон поголеми можности за развој на Косово, но и за поблиски врски со Европа“.
Шефицата на европската дипломатија ги повика парламентарните партии во Косово на соработка со цел надминување на политичката блокада во земјата.
Калас изјави дека Европската Унија е подготвена да го поддржи Косово, но дека политичките лидери мора да ги остават настрана поделбите и приоритет да им биде иднината на Косово.
„Формирањето на ново собрание и нова влада е клучно за стабилноста, развојот и европската иднина на Косово“, рече Калас.
Каја Калас, исто така, изјави дека ЕУ е посветена на дијалогот меѓу Косово и Србија и дека Косово е рамноправна страна во дијалогот.
„Вие сте рамноправни партнери на масата и, како претставник на ЕУ, ќе го поддржам овој процес“, кажа таа.
Таа подвлече дека не постои „кратенка“ за прием во ЕУ, потврдувајќи ја стратегиската важност на Западен Балкан за ЕУ.
Таа, исто така, потврди дека процесот на проширување на ЕУ ќе биде еден од нејзините приоритети и ги спомена аспирациите на граѓаните на Косово да станат дел од европскиот блок.
„Западен Балкан е стратегиски важен за ЕУ. Тоа е најголемиот геостратешки проект за нас, а и за мене лично. Косово има место во европското семејство, но нема кратенки до членство. Во Косово, огромното мнозинство граѓани сакаат членство во Европската Унија“, рече таа.