четврток, 29 мај 2025

Калас: ЕУ мора да го зголеми притисокот врз Русија да се согласи на мир во Украина

Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас денес во Варшава, на почетокот на неформалниот собир на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидатки, се заложи за уште посилен притисок врз Русија за конечно да се согласи на мирно решение за војната во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Работиме на седмиот пакет санкции за навистина да се изврши притисок врз Русија. Треба да извршиме посилен притисок врз Русија да се согласи на мир“, изјави Калас пред новинарите на почетокот на самитот.

Високата претставничка нагласи дека во рамките на ЕУ постои консензус за зголемување на трошоците за одбрана и за тоа што повеќе може да се направи за да ѝ се помогне на Украина.

„Многу е важно да се знае дека цела Украина беше окупирана за време на Втората светска војна, а само мал дел од Русија. Навредливо е што Путин ја присвојува целата победа над нацистичка Германија за Русија и, уште полошо, ја злоупотребува таа реторика за да ја напаѓа Украина“, рече домаќинот на состанокот, полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.

На агендата на овој редовен полугодишен неформален собир на министрите на ЕУ, главна тема е агресијата на Русија врз Украина и како да се стави крај на војната, како и итните прашања за односите ЕУ-САД, за кои Калас денес призна дека претрпеле големи промени откако Доналд Трамп дојде во Белата куќа.

Министрите ќе разговараат и за најновата ескалација во Кашмир и неодржливата ситуација и загубата на животи во Појасот Газа, како и за тоа како да се продолжи со дистрибуцијата на хуманитарна помош за Палестинците, со подготвеност на ЕУ да се вклучи во дистрибуцијата доколку се нема доверба во другите.

„Конфликтот меѓу Индија и Пакистан е многу застрашувачки. Јасно е дека оваа војна не е добра за никого. Работиме на посредување за намалување на тензиите“, рече високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика.

Домаќините на состанокот, полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, ги поканија министрите за надворешни работи на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Молдавија, Македонија, Србија, Турција, Украина и Косово на утрешниот неформален ручек.

Во поширок формат, министрите ќе разговараат за актуелните предизвици за европската надворешна политика и безбедност, со посебен акцент на зајакнување на отпорноста во овие земји и на Западен Балкан, на хибридните закани кои станаа особено чести во Европа по нападот на Русија врз Украина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ