понеделник, 26 јануари 2026

Како Русија го злоупотребува Интерпол за да ги најде политичките противници: Би-би-си објави протечени документи

Илјадници документи доставени од свиркач од Интерпол ги откриваат размерите на злоупотребата на меѓународната полициска организација од страна на Русија, со цел во странство да ги таргетира критичарите на актуелниот режим, пишува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Податоците доставени до Би-би-си ворлд сервис и до францускиот истражувачки портал Дисклоуз откриваат дека Русија ги користи потерниците на Интерпол за да бара апсење на луѓе како политички противници, бизнисмени и новинари, тврдејќи дека извршиле кривични дела.

Анализата на податоците, исто така, сугерира дека во текот на изминатата деценија независната жалбена единица на Интерпол примила повеќе претставки против Русија отколку против која било друга држава – трипати повеќе од следната на листата, Турција.

Покрај тоа, податоците укажуваат дека жалбите против барањата од Москва довеле до поништување на повеќе случаи отколку барањата на која било друга држава.

„Кога ќе те погоди црвена потерница, животот целосно ти се менува“, вели Игор Пестриков, руски бизнисмен чие име се појавува во протечените документи.

Интерпол сам по себе не е глобална полициска сила, туку им помага на полициите низ светот да соработуваат.

Црвената потерница е известување до сите 196 земји членки да лоцираат и уапсат одредено лице. Црвеното потерничко известување е слично барање, но се испраќа само до поединечни држави.

Пестриков дознал дека неговото име се наоѓа во црвено потерничко известување откако избегал од Русија во јуни 2022 година – четири месеци по инвазијата врз Украина – и побарал азил во Франција.

Сметал дека има две опции:

„Да одиш во полиција и да кажеш: ‘Јас сум во системот на Интерпол’“, и да ризикуваш апсење, или да се повлечеш во илегала. Тоа може да значи дека не можеш да изнајмиш стан, ти ги блокираат банкарските сметки“.

Токму тоа нему и му се случило.

Објаснува дека постојано се вртел да гледа зад себе. Поради безбедност, неговата ќерка и нејзината мајка се преселиле во друга држава.

„Полицијата може во секој момент да упадне во куќата… затоа се чувствуваш како стаорец втеран во ќош. Ова ги разорува семејствата“, вели тој.

Досијеата на Интерпол

Пестриков бил голем акционер во метални компании во Русија што биле приватизирани во деведесеттите години, особено во Соликамската фабрика за магнезиум.

Во месеците пред инвазијата врз Украина во 2022 година, тврди дека министрите вршеле притисок врз него да престане со продажба на производи во странство и да снабдува исклучиво на рускиот пазар.

Сметал, тврди тој, дека тоа би значело дека неговите производи ќе се користат за изработка на делови за воена опрема, како борбени авиони и тенкови.

Вели дека проблемот не бил само во тоа што морал да „продава многу поевтино и на кого и да му кажат министерствата“, туку и во тоа што „тоа било морално прашање… никој не сакал да биде макар индиректно вмешан во производство на нешто што се користи за убивање луѓе“.

Пестриков верува дека неговото одбивање да се покори и фактот што неговата тогашна сопруга била Украинка довеле до национализација на неговите компании и до тоа Русија да покрене истрага против него за финансиски кривични дела.

Откако избегал во Франција, се загрижил дека Кремљ би можел да се обиде да го таргетира и таму, па го контактирал Интерпол и дознал за барањето за црвено известување, кое ги поминало внатрешните проверки на агенцијата.

Пестриков одлучил да го оспори тоа преку внатрешното, независно надзорно тело на Интерпол – Комисијата за контрола на досиејата на Интерпол – тврдејќи дека барањето на Русија е политички мотивирано.

Во Уставот на Интерпол изрично стои дека организацијата не смее да се користи „за каква било интервенција или активности од политички, воен, верски или расен карактер“.

Откако речиси две години бил на потерница, Комисијата пресудила дека неговиот случај претежно е од политичка природа.

Тој му покажал на Би-би-си документи од Комисијата во кои се наведува дека информациите што ги доставила Русија биле „општи и шаблонски“ и дека постоело „неадекватно објаснување“ на наводното кривично дело. Интерпол го поништил барањето за негово задржување.

Интерпол објавува само многу ограничени податоци за нелегитимни барања за апсење и од 2018 година не открива кои земји се предмет на жалби и истраги.

Овој недостиг од транспарентност ја отежнува проценката на размерите на проблемот, но протечените документи за првпат откриваат многу поцелосна слика.

Податоците не се целосни, но опфаќаат широк спектар земји, и таму каде што е наведена државата што бара апсење, Русија има повеќе жалби од која било друга – што е случај веќе 11 години по ред.

Документите, исто така, покажуваат дека во текот на изминатата деценија најмалку 700 луѓе што ги барала Русија поднеле жалба до Комисијата, а на најмалку 400 од нив им биле поништени црвените потерници или известувања – повеќе отколку кај која било друга држава, според добиените податоци.

Британскиот адвокат Бен Кит, кој застапувал многу клиенти што сакале нивните имиња да бидат отстранети од потерниците на Интерпол, смета дека Интерпол има посебен проблем со Русија и дека обидите на агенцијата да ги спречи злоупотребите не биле успешни.

Меѓународниот адвокат Јуриј Немец, кој се специјализирал за прашања поврзани со Интерпол и екстрадиција, се согласува дека дополнителната контрола на руските барања, воведена по инвазијата врз Украина, не била ефикасна.

Вели дека е запознаен со многу случаи во кои Руси што се спротивставиле на војната „биле таргетирани поради јавно истапување и обвинувани за финансиски или други вообичаени кривични дела, по што биле внесувани во базата на податоци“.

„Не е тешко да се изигра системот“, додава тој.

Министерството за внатрешни работи на Русија не одговорило на барањето на Би-би-си за коментар.

Одговорот на Интерпол

По почетокот на војната во Украина, Интерпол вовел дополнителни проверки на активностите на Москва „со цел да се спречи каква било потенцијална злоупотреба на каналите на Интерпол во врска со таргетирање на поединци во рамките или надвор од конфликтот во Украина“.

Сепак, протечените документи сугерираат дека тоа не ја спречило Русија да го злоупотребува системот, а укажувачот рекол дека некои построги мерки тивко биле укинати во 2025 година.

Интерпол наведува дека има механизми за спречување злоупотреби и дека тие дополнително биле зајакнати во последните години.

Во одговорот за Би-би-си, Интерпол наведува дека секоја година благодарение на неговите операции се апсат илјадници од најопасните криминалци во светот и дека располага со низа системи за спречување злоупотреби, кои дополнително биле унапредени во последните години.

Исто така наведува дека е свесен за потенцијалното влијание што барањата за апсење можат да го имаат врз поединците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ