недела, 28 декември 2025

Како Путин ги држи руските милијардери подалеку од политиката во војната со Украина

Иако за време на војната со Украина бројот на милијардери во Русија достигна рекордно ниво, нивното политичко влијание речиси целосно исчезна. Според анализата на Би-би-си, Владимир Путин во изминатите 25 години изгради систем во кој богатите бизнисмени – познати како олигарси – немаат реална моќ, туку се држат во покорност преку комбинација од закани, конфискации и профитабилни привилегии.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Од политички играчи до тивки извршители

По распадот на Советскиот Сојуз, во 1990-тите години, мал број Руси се збогатија со преземање на поранешни државни компании. Тие стекнаа огромно економско и политичко влијание и станаа познати како олигарси. Еден од најмоќните меѓу нив, Борис Березовски, отворено тврдеше дека помогнал во политичкиот подем на Путин во 2000 година.

Подоцна ги повлече тврдењата, оценувајќи го како „тиран кој ја задушил слободата и го запрел развојот на Русија“. Березовски беше пронајден мртов во 2013 година во егзил во Велика Британија, под неразјаснети околности – симболичен крај на политичката моќ на олигарсите.

Порака до сите: случајот Олег Тинков

Јасен пример за начинот на кој Кремљ ги дисциплинира богатите е Олег Тинков, поранешен банкарски милијардер и основач на Тинкоф банка. Откако јавно ја критикуваше војната во Украина, неговите соработници беа контактирани од Кремљ со закана дека банката ќе биде национализирана доколку не прекинат сите критики.

Под притисок, Тинков бил принуден да ја продаде банката. Купувач била компанија поврзана со Владимир Потанин, еден од најбогатите луѓе во Русија и клучен снабдувач на никел за руската воена индустрија. Продажбата била извршена за само три отсто од реалната вредност. Тинков загубил околу девет милијарди долари и ја напуштил земјата.

Владимир Потанин – пример за „награден лојалист“

Потанин, кој во моментот на трансакцијата бил петтиот најбогат Русин, ја илустрира другата страна на политиката на Путин: оние што не се спротивставуваат, туку соработуваат, добиваат можност да купуваат вредна имотна сопственост по ниски цени и да го зголемуваат своето богатство, особено преку компании поврзани со одбранбениот сектор.

Олигарсите по инвазијата на Украина

На 24 февруари 2022 година, неколку часа по наредбата за целосна инвазија врз Украина, Путин ги собра најбогатите Руси во Кремљ. Според сведоштвата, тие изгледале „бледи и како лица лишени од сон“, свесни дека доаѓаат санкции и огромни загуби, но без можност за отпор.

Според Форбс, до април 2022 година, нивниот број се намалил од 117 на 83 поради војната, санкциите и слабеењето на рубљата. Заедно, тие изгубиле 263 милијарди долари – или, во просек, 27 проценти од своето богатство.

Воената економија создава нови милијардери

Подоцнежните години покажаа дека учеството во воената економија носи огромни придобивки. Државната потрошувачка за одбраната придонесе за економски раст од над 4 проценти годишно во 2023 и 2024 година. Во 2024 година, повеќе од половина од руските милијардери директно или индиректно учествуваа во снабдувањето на армијата или профитираа од војната.

Повлекувањето на западните компании создаде простор што брзо го пополнија бизнисмени блиски до Кремљ, купувајќи фабрики, банки и брендови по значително пониски цени. Според аналитичарката Александра Прокопенко од Карнеги центарот Русија–Евроазија, така се создаде нова „армија лојални богаташи“, чија иднина зависи од продолжување на конфронтацијата со Западот.

Цврста контрола и покрај санкциите

Само во 2024 година во Русија се појавија 11 нови милијардери. Според Би-би-си, Путин успеал да ја задржи цврстата контрола врз економските и политичките елити и покрај војната и западните санкции, а во некои аспекти и благодарение на нив.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ