среда, 9 април 2025

Како Холивуд молскавично се сврте против Џо Бајден

Пред само еден месец, некои од најголемите холивудски ѕвезди се собраа во центарот на Лос Анџелес, расфрлајќи повеќе од 30 милиони долари за претседателот Џо Бајден додека грицкаа пуканки и ги слушаа Џулија Робертс, Џими Кимел и Џорџ Клуни како го воспеваат.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Оваа недела Тинселтаун пее многу поинаква мелодија, вели Политико, употребувајќи го погрдното име за Холивуд, односно за површно гламурозниот свет што тој го претставува.

Колумната на Клуни во Њујорк тајмс во средата беше досега најистакнатиот пример за брза промена на ставот во филмската индустрија, додека сѐ повеќе истакнати имиња се приклучуваат во хорот од повици Џозеф Бајден да се повлече од претседателската трка по првата претседателска дебата.

На листата се режисерот Роб Рајнер, Абигејл Дизни и Рид Хејстингс, шефот на Нетфликс.

„Овој Џо Бајден со кој бев пред три недели на собирање средства не беше Џо Бајденот од 2010 година. Тој не беше ни Џо Бајденот од 2020 година. Тој беше истиот човек што сите го гледавме во дебатата“, напиша Клуни.

Ова е далеку погрубо од која било од претпазливите изјави на демократите во Вашингтон, кои сè уште го избегнуваат прашањето за психофизичката состојба на претседателот.

И додека Бајденовите лојалисти може да дојдат во искушение да им кажат на актерите да се држат до својата професија, тешко е да се игнорира индустријата од која Демократската партија толку многу зависи кога станува збор за пари и публицитет.

Зголеменото незадоволство на либералниот Холивуд, исто така, се заканува да ги секне големите донации во клучните моменти од кампањата.

Сепак, од вчера се поставува прашањето зошто Џорџ Клуни, мегадонаторот на Демократската партија, три недели молчеше за состојбата на актуелниот американски претседател.

Фото: ЕПА

За Холивуд, приоритет долго време беше да се спречи Доналд Трамп да се врати на функцијата, но сега е на повидок иднината во која Бајден би можел да го собори рејтингот и на другите клучни демократски кандидати, по што републиканците би ги контролирале Белата куќа, Претставничкиот дом и Сенатот.

„Дури и ако Трамп победи, и натаму ви треба поддршката од Домот или Сенатот. Ако Бајден ги ‘убива’ сите три институции, разбирам зошто овие донатори сакаат да го отстранат Бајден“, рече Мајкл Трухиљо, демократски консултант во Лос Анџелес, кој претходно работеше со Рајнер и присуствуваше на Клуниевата акција за собирање средства минатиот месец.

Во Холивуд некои го свртеа својот гнев кон филмскиот магнат и копретседател на кампањата Џефри Каценберг, кој долго време ја бранеше возраста на Бајден како предност.

Тимот на Бајден во средата се обидуваше да го намали значењето на текстот на Клуни, а Си-ен-ен објави и дека претседателот останал на настанот три часа подолго од актерот, укажувајќи дека 81-годишниот Бајден е поиздржлив од 63-годишниот Клуни.

Но влијанието на славните личности врз гласачите не може да се игнорира: Клуни е култна фигура, а неговиот напис може да има поголеми шанси да влијае на просечниот Американец отколку гласовите на Капитол хил.

„Тоа ќе влезе во поп-културата. ТМЗ ќе зборува за тоа. Инфлуенсерите на Тикток ќе зборуваат за тоа. Тој ќе допре до гласачите до кои Вашингтон не може“, рече Брајан Голдсмит, демократски консултант од Лос Анџелес, кој работел во медиумската индустрија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ