Во ноември 2024 година се урна настрешницата на железничката станица во Србија и усмрти 16 луѓе. Најверојатната причина за лошо изведените работи била корупција. Избија масовни протести, за кои известуваа независни новинари.
Некои од нив потоа беа претепани од силеџии додека полицијата набљудуваше. Половина беа претепани од полицијата. Во текот на 2025 година во Србија се евидентирани најмалку 91 физички напад врз новинари, според податоците на Независното здружение на новинари на Србија. Напаѓачите ретко се казнуваат, што „ги охрабрува новите кривични дела против новинарите“, вели Јелена Петковиќ, локална експертка за безбедност на медиумите.
Србија ги има сите надворешни обележја на демократија. Не ги затвора новинарите поради тоа што го пишуваат. Сепак, на десетици начини им ја отежнува работата и животот – освен ако не ја поддржуваат власта.
КРИК, истражувачки медиум што често разоткрива корупција во српската власт, е погоден со повеќе од 30 тужби во последните неколку години, од кои 17 сè уште се активни, вели главниот уредник Стеван Дојчиновиќ. Тој мора да поминува и до пет дена месечно по судови. Режимските медиуми го обвинуваат дека работи за ЦИА и за Џорџ Сорос, еврејски милијардер. Кружеа фалсификувани фотографии на кои е со водач на криминална група, но и вистински интимни фотографии, со цел да биде посрамен. „Тоа остави огромна, тешка трага“, вели тој.
Во меѓувреме, сите национални телевизии се под контрола на државата или во сопственост на пријатели на десничарскиот популистички претседател Александар Вучиќ, па го зборуваат она што тој сака да го слушне. Зоран Кусовац, медиумски консултант, раскажува дека една негова пријателка се развела од сопругот, телевизиски уредник, делумно затоа што ѝ било преку глава од ноќните телефонски повици од Вучиќ.
Низ целиот свет, медиумските слободи се повлекуваат. На индексот што го осмисли организацијата Репортери без граници, глобалниот резултат назадува од 2014 година – од 67 од 100, колку што денес има Америка, на под 55 во 2025 година, колку што е лошо и во Србија. „За првпат во историјата на индексот, условите за новинарство се ‘тешки’ или ‘многу сериозни’ во повеќе од половината земји во светот, а задоволителни во помалку од една од четири“, наведува организацијата. И други анализи укажуваат на сличен тренд. Податоците на В-Дем, истражувачки проект со седиште во Шведска, сугерираат дека глобалниот просек се влошил од 2004 година, од 0,66 на скала од 0 до 1, на 0,49 – приближно разликата меѓу Мексико и денешна Индија под хинду-националистите.
Нема вест „достојна за печат“
Најголемиот пад не се случува во диктатурите, каде што сериозното новинарство одамна е речиси невозможно, туку во земјите што и понатаму тврдат дека се демократски. Властите во таквите системи обично не се обидуваат целосно да ја задушат критиката. Наместо тоа, ги преобликуваат мотивациите за оние што собираат информации, така што обичните луѓе слушаат изобилство пофалби за владејачката партија, а само повремени, штури тонови на несогласување. Целта е моќните да останат на власт и да се намали надзорот врз тоа како ја злоупотребуваат таа моќ.
Анализата на Економист открила силни врски меѓу задушувањето на медиумите и корупцијата. Набљудувајќи 80-годишни податоци од околу 180 земји, собрани од В-Дем, утврдено е дека намалувањето на медиумските слободи во една земја е силен знак дека корупцијата во таа земја подоцна ќе се влоши. Ова важи и по контролата на претходните и тековните нивоа на корупција, промените во приходите и глобалните трендови.
Тоа не е само случајност на лоши појави. Анализата е временска: тестира дали промената на една променлива сигурно ја предвидува идната промена на друга. Во статистички жаргон, тоа се нарекува „Грејнџерова каузалност“ – и пронајдени се многу такви врски.

Без продорно, истражувачко новинарство, на функционерите им е полесно да проневерат пари без никој да забележи, или да склучуваат договори „под маса“ без отпор. Статистичката врска е значајна: ако сè друго е еднакво, се предвидува дека земјата во која медиумската слобода ќе падне од нивото на Канада на нивото на Индонезија, ќе се лизне во корупција еквивалентна на тоа Ирска да се претвори во Латвија.
Страв и услуги
Се чини дека постои и повратна спрега: растот на корупцијата, исто така, точно предвидува дека медиумите подоцна ќе станат помалку слободни – веројатно затоа што оние на власт, кога имаат многу што да кријат, имаат дополнителен мотив да им ги затворат устите на љубопитните новинари. „Ако известуваме за корупција… нашите новинари се доксувани“, вели Вахју Џатмика, директор на индонезискиот неделник Темпо, зборувајќи за намерното јавно објавување приватни лични податоци (адреса, телефон, семејство, работно место) заради заплашување или одмазда. На еден новинар му беше испратена отсечена свинска глава; други добиваа десетици ненарачани испораки на храна – потсетник дека „крупните фаци“ за кои пишуваат точно знаат каде можат да ги најдат.
Овие повратни спреги ја зголемуваат штетата, па целосната цена на лошите политики се чувствува дури постепено. Институциите имаат инерција: моделот сугерира дека, во просек, поминуваат околу четири години по стегањето на обрачот околу медиумите за да се појави барем половина од конечниот пораст на корупцијата. Лидерот може денес да ги замолчи медиумите, но гласачите можеби нема да го забележат подоцнежниот скок на матните работи сè до по следните избори.
Се забележува и уште еден образец: како што медиумските слободи опаѓаат, елитите поретко нудат разумни образложенија за своите политики. И тоа, исто така, обично му претходи на растот на корупцијата. Ова се вклопува со подемот на популизмот низ светот – движење што повеќе се потпира на емоции отколку на разум. Популистичките лидери обично настојуваат да ги ослабат институционалните кочници на сопствената моќ, вклучително и медиумите; а тоа ја отвора вратата за корупција и злоупотреби.
Севкупно, статистичката анализа заклучува дека популистичката политика, корупцијата и притисокот врз критичките медиуми не само што одат заедно, туку меѓусебно се засилуваат. Владите што денес го гушат печатот, утре ќе владеат полошо.
Многу земји се на овој опасен пат. „Големата промена што ја гледаме во последните години е тоа што наводно демократските земји усвојуваат многу техники што традиционално ги гледавме во авторитарните режими“, вели Џоди Гинзберг, челничка на Комитетот за заштита на новинарите. Тие техники обично не одат дотаму да се затвораат или убиваат новинари. Наместо тоа, најчесто спаѓаат во три главни категории: реторички, правни и економски.
Реторичкиот трик е критичките новинари да се претстават како закана за нацијата. Автократските режими одамна го прават тоа; сега го прават и многу избрани лидери. Вучиќ негативното известување го опишува како „чист тероризам“. Претседателот на Аргентина Хавиер Милеј ја турка фразата „Не ги мразиме доволно новинарите“. Поддржувачите на индиската владејачка партија критичките репортери ги нарекуваат „пресститутки“.
Доналд Трамп неодамна објави дека било „бунтовничко, можеби дури и предавничко“ тоа што Њујорк тајмс објавил „лажни“ извештаи за да го „оклевети и понижи претседателот на Соединетите Американски Држави“. Додаде: „Тие се вистински непријатели на народот и треба нешто да се направи во врска со тоа“. Белата куќа објавува список на „медиумски престапници“, именувајќи поединечни репортери што ги обвинува за лажење, професионални пропусти или „левичарско лудило“.
Таквата досега невидена реторика на американскиот претседател ја влошува веќе непријателската атмосфера за репортерите. Довербата на Американците во медиумите е на историски минимум, според Галуп. Само 8 проценти од републиканците во Америка веруваат дека медиумите известуваат чесно или точно, што е пад од 33 проценти во 2007 година, годината кога беше претставен ајфонот, воведувајќи ја ерата на „мамци на гнев“.

Демонизацијата на новинарите од страна на Трамп го поткопува табуто и им овозможува и на други политичари да го прават истото, вели Гинзберг. „Учебникот на Трамп го преземаат глобалните лидери насекаде“, се согласува Тибо Брутин, директор на Репортери без граници.
Борбениот говор од врвот може да ги поттикне дигиталните толпи да ги вознемируваат новинарите. Жените новинарки го носат најголемиот товар: една глобална студија на УНЕСКО покажа дека 75 проценти доживеале онлајн малтретирање, а 42 проценти вознемирување или закани со насилство во живо. Кога жртвите биле прашани кој го поттикнувал злоставувањето, најчестиот одговор – по „анонимни сторители“ – биле „политички актери“.
Во речиси секоја демократија, слободата на изразување е загарантирана со закон. Затоа би требало да им биде тешко на владите да го користат кривичното право како палка против новинарите. Но тие наоѓаат заобиколни патишта. Еден од нив е користењето граѓански тужби. Во последните години во Европа се бележи пораст на злонамерните тужби од богати поединци, осмислени финансиски да ги скршат упорните новинари или да ги парализираат медиумите. Еден извештај од 2023 година наведе повеќе од 800 такви случаи, со напомена дека тоа само „ја загребува површината… на проблемот“. Трамп ја прифати оваа тактика, тужејќи ги Еј-би-си, Би-би-си, Си-ен-ен, Њујорк тајмс и други, понекогаш барајќи милијарди долари отштета.
Друга досетка е медиумските куќи да се напаѓаат со закони што не се поврзани со новинарството. Во септември турската влада ја презеде контролата врз Џан холдинг, конгломерат што содржи телевизиски станици, обвинувајќи го за затајување данок и перење пари. Во Танзанија, каде што претседателката Самија Сулуху Хасан ја презеде власта во 2021 година ветувајќи либерални реформи, новинари беа апсени за „предавство“ додека ги следеа очигледно наместените избори во октомври.
Обвинувајќи ги новинарите за „обични“ кривични дела, властите можат да ја шират идејата дека ним не може да им се верува. Исто така можат да ги заплашат другите да се самоцензурираат. „Она што секогаш е тешко да се измери се приказните што никогаш не се напишани, или прашањата што никогаш не се поставени затоа што луѓето се плашат“, вели Гинзберг.
Дигиталната технологија го промени значењето на новинарството: секој со телефон може да прошири шокантни снимки до глобалната публика. Злонамерните режими со право го гледаат тоа како закана и возвраќаат со широко формулирани интернет-закони што можат да се претворат во оружје против критичарите. Некои го забрануваат ширењето „лажни вести“, што на некои места значи секое тврдење што власта го негира. Еден нов закон во Замбија го криминализира „неовластеното откривање критични информации“, дефинирани како сè што „се однесува на јавната безбедност, јавното здравје, економската стабилност или националната безбедност“.
Индексот на американската организација Фридом хаус покажува дека интернет-слободата континуирано опаѓа веќе 15 години. Тоа не е само приказна за автократите што го гасат интернетот за време на протести, како во Иран во јануари, или избори, како во Уганда во истиот месец. Во изминатата година, половина од 18 земји претходно означени како дигитално „слободни“, од вкупно 72 оценети, станале помалку слободни. Глобално, најконзистентното влошување во последните 15 години се бележи во мерката „дали власта или други моќни актери манипулираат со онлајн-изворите на информации“. Многумина користат вештачка интелигенција за да создаваат лажни провладини приказни на лажни сајтови што личат на познати медиуми.
Третата категорија на притисок – економската – е особено моќна затоа што владите располагаат со многу пари, а медиумските куќи обично не. Во 160 од 180 земји што ги опфатил индексот на Репортери без граници, медиумите можат да постигнат финансиска стабилност „со тешкотии“ или „никако“.
Во Индонезија, квалитетот на новинарството опаднал во последните пет-шест години „главно поради финансиски притисок“, вели Џатмика од Темпо. Државното рекламирање оди кај медиумите што се додворуваат. Големите приватни огласувачи ги избегнуваат критичките медиуми, плашејќи се да не ги налутат политичарите. Тие „не го гледаат Темпо како безбеден бренд затоа што работиме истражувачко новинарство“.
Кога некои донатори или невладини организации поддржуваат независни медиуми, властите носат закони за „странски агенти“ за да ги ограничат – трик што Владимир Путин го усоврши. Уште еден маневар е да се охрабрат „пријателски“ тајкуни да ги купат и да ги скротат критичките медиуми.
Кога повеќе од овие техники се комбинираат, ефектот може да биде разорен. Во Индија, најголемата демократија во светот, новинарите, во теорија, се слободни да пишуваат што сакаат. Но оние што се обидуваат да разоткријат злоупотреби на владејачката хинду-националистичка партија Бхаратија Џаната парти се соочуваат со бран обесхрабрувања. Абхинандан Секри, директор на дигиталниот медиум Њузлаундри од Делхи, вели дека во последните четири години околу 80 пати добивал официјални известувања дека тој или неговата фирма се осомничени за затајување данок. Провладините медиуми го тужат Њузлаундри за „клевета“ и „кршење авторски права“ кога ја критикуваат нивната пристрасност. Даночните служби упаѓаат во редакцијата. Полицијата доаѓа да го испитува Секри: еднаш шест часа, другпат 13.
Секри не е лесно да се заплаши. Вели дека може да продолжи затоа што во неговиот живот нема ништо сомнително, нема сопруга ни деца за кои би се грижел, хинду е и доаѓа од привилегирана средина, па познава адвокати што го бранат про боно. Сепак, одбраната исцрпува. А повеќето новинари се многу поранливи на притисок.
Најзагрозени не се „најистакнатите во Делхи“, вели Секри, туку оние „што разоткриваат сомнителни зделки на некој локален бог-човек во мало село“. Некои од тие „бог-луѓе“ можат да бидат одмаздољубиви. Јагендра Синг, кој пишуваше за наводни врски на политичари во Утар Прадеш со „песочната мафија“, која краде камиони песок од јавно земјиште и им го продава на цементарници, почина од изгореници по посета на полицијата. Полицијата соопшти дека станувало збор за самоубиство.
Независното новинарство сè уште опстојува во Индија, во онлајн медиуми како Вајр и Караван, како и на социјалните мрежи и Јутјуб. Но секој репортер стои пред одлука: живот со лишувања и опасност додека ја зборува вистината, или живот со финансиска и физичка сигурност додека ја фали власта.
Речиси сите соговорници во овој текст ја споменале промената во односот на Белата куќа кон слободата на медиумите. Американскиот медиумски екосистем дома е доволно софистициран и разновиден за да издржи, но американската политика влијае и врз земјите каде што новинарството е покршливо. Орхан Мамедов, уредник на Мејдан ТВ, независен медиум од Азербејџан, корумпирана петродржава на Кавказот, вели дека претседателот Илхам Алиев порано ослободувал политички затвореници под притисок од Америка. Но оваа година притисокот престанал, се жали Мамедов; семејството на Трамп има деловни врски со азербејџанската елита, а Алиев лукаво го поддржал за Нобеловата награда за мир.
Демократијата умира во мрак
„Кога Трамп се врати на власт во 2025 година, Алиев затвори сè. Околу 100 новинари избегаа или се во затвор. Сфативме дека повеќе не можеме да работиме со никого во земјата. Беше премногу опасно за нив“, вели Мамедов. Тактиките на Алиев се „ужасни“, додава. „Секојпат кога ќе уапсат некого, тој мора да ги предаде телефонот и компјутерот. Владата потоа ги објавува личните фотографии пронајдени на нив“.

Америка претходно финансираше стотици независни медиуми во земјите со слаби граѓански слободи. Трамп ги замрзна тие средства, осакатувајќи го Мејдан и многу други. „Мораме да смислиме како да им ги платиме на колегите правните трошоци, храната, основните потреби во затвор“, вели Мамедов. Во август беше уапсен човекот што Мејдан го ангажирал да им доставува продукти на затворените новинари, под обвинение за „шверц на пари“.
Во некои земји животот стана толку тежок за независните новинари што многумина, како Мамедов, работат од странство. На конференцијата на такви прогонети новинари во Куала Лумпур атмосферата беше мрачна. Учесниците беа загрижени колку е тешко да се известува од далечина. Информациите тешко се собираат; телефоните можеби не се безбедни.
Од скандалот со шпионскиот софтвер Пегаз од 2021 година, кога беше откриено дека уредите на многу новинари биле заразени со израелската програма, секаде е тешко да се убедат укажувачите да разговараат со новинари. „Еден извор ми рече: ‘Сега знам зошто сопругата ми ја изгуби работата во државната служба’“, се присетува Нелсон Рауда, новинар од Ел Салвадор кому му бил хакиран телефонот.
Ни егзилот не е секогаш безбеден. Некои режими ги замолчуваат критичарите и оддалеку. Иран ангажираше убиец во Њујорк за да се обиде да ја убие Масих Алинежад, иранска новинарка што се бори за правата на жените. Белорусија во 2021 година пренасочи патнички авион за да го зароби Раман Пратасевич, дисидентски уредник. Оттогаш, вели Мамедов, сите новинари во егзил стравуваат дека нивниот лет би можел да биде пренасочен. А Пратасевич денес, по две години во притвор, ја фали корумпираната диктатура што го киднапираше.






