сабота, 28 март 2026

Како би можела да изгледа копнена инвазија на иранскиот остров Харг

Американските сили се приближуваат кон островот Харг, летајќи ниско vo хеликоптери. По слетувањето се распоредени околу клучниот ирански нафтен јазол, цело време под оган од иранските сили, пишува Фајненшл тајмс во анализа на можно сценарио.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Војниците остануваат блиску до нафтената инфраструктура за да се заштитат, ставајќи го иранскиот режим пред исклучително тежок избор: да ги уништат сопствените нафтени постројки за да ги нападнат Американците или да се воздржат и да дозволат Вашингтон да ја преземе контролата врз економскиот ‘рбет на земјата.

Такво сценарио би можело да се случи во наредните недели, додека Соединетите Американски Држави ја разгледуваат можноста за заземање на островот Харг, низ кој минуваат околу 90 проценти од извозот на нафта на Иран.

Претседателот на САД Доналд Трамп изјави оваа недела дека се надева на договор со Иран кој би го прекинал конфликтот. Но, во време кога илјадници американски маринци веќе се на пат кон регионот, а падобранците се подготвени за акција, преземањето на Харг е една од опциите кои Вашингтон ги разгледува за да добие предност пред Техеран.

Таквиот потег би им овозможил на САД да го контролираат речиси целиот извоз на нафта од Иран, со што би се намалиле клучните приходи без да се уништи инфраструктурата и да се предизвика тотален хаос на глобалниот енергетски пазар.

Во исто време Вашингтон би добил моќен адут за преговарање во своите обиди да го принуди Иран повторно да го отвори Ормускиот теснец. Алтернативна опција вклучува заземање на стратегиски острови во самиот теснец за да се преземе контролата врз тој клучен морски пат.

Но, испраќањето копнени сили на иранска територија би претставувало голема ескалација и би ги изложило американските војници на значителни загуби, предупредува Фајненшл тајмс.

„Испраќањето копнени сили е очигледно поризична операција за нашата војска“, вели Карен Гибсон, поранешна шефица на разузнавањето во Централната команда на САД. Иако САД имаат капацитет да го окупираат островот, клучниот проблем не е само неговото освојување, туку и неговото задржување под постојан притисок.

Голем дел од огнената моќ што сега се користи против иранското копно би можела да се пренасочи кон заштита на силите во Харг, бидејќи безбедноста на војниците би станала апсолутен приоритет. Сет Крумрих, поранешен службеник на американските специјални сили, вели дека целта би била „да се шокира непријателот и да се преземе теренот што е можно побрзо“.

„Брзината е клучна бидејќи не сакате да бидете изложени на отворено. Ќе се држите до нафтената инфраструктура“, вели тој. Заговорниците на поостра американска интервенција веќе го повикаа Трамп да го заземе островот, а републиканскиот сенатор Линдзи Греам изјави дека без приходи од нафта, иранскиот режим „ќе пропадне сам од себе“.

Пентагон веќе почна да испраќа илјадници војници од елитната 82-ра воздушно-десантна дивизија, која може да бидат ангажирана во рок од 18 часа.

Во регионот се испраќаат и две експедициски единици на маринци (МЕУ), секоја со околу 2.200 војници. Една од нив, 31-ва МЕУ, веќе е на пат од Јапонија на бродот УСС Триполи и се очекува да пристигне кон крајот на неделата.

Истовремено е наредено и упатување на група бродови предводени од УСС Боксер, кој го транспортира 11-тиот МЕУ од Калифорнија, но нивното пристигнување се очекува дури три до четири недели подоцна.

Секоја таква единица вклучува пешадиски баталјон, воздухопловни сили и логистичка поддршка. Бродовите носат авиони В-22 оспреј, додека УСС Боксер има и борбени авиони Ф-35 и десантни пловила за истовар на трупи и опрема.

Според проценките на поранешни американски функционери една таква единица би била доволна за да го окупира и контролира островот. „Ова е класична операција на морнарицата. Затоа постојат маринците“, вели Гибсон, истакнувајќи дека операцијата ќе се спроведе „под притисок и под оган“.

Загубите меѓу американските војници би биле речиси сигурни. Островот Харг, со површина од околу 21 квадратен километар, се наоѓа само 24 километри од иранскиот брег и е во дострел на ирански ракети, беспилотни летала и артилерија.

Поранешниот адмирал Џејмс Ставридис верува дека САД би можеле да го држат островот на неодредено време, сè додека одржуваат воздушна и морска супериорност.

Амфибиските напади, во кои копнените операции се започнуваат од морето, се длабоко вкоренети во доктрината на морнарицата на САД уште од Втората светска војна и битките како Иво Џима и Окинава.

Според Фајненшл тајмс, САД не спровеле голема амфибиска операција под силен оган од Втората светска војна. За време на инвазијата на Ирак во 2003 година, американските сили ги окупираа нафтените терминали со минимален отпор.

Американските сили веќе извршија повеќе од 90 напади врз цели на островот Харг, вклучувајќи рудници и ракетни бункери, во она што би можело да биде првата фаза од операцијата – подготовка на бојното поле.

Според Калев Сеп, ветеран на американските специјални сили, операцијата би почнала со кратки и интензивни напади со прецизно оружје, по што би следеле воздушни напади од хеликоптери и авиони. Во операцијата би можеле да бидат вклучени и падобранци од 82-та дивизија, армиски ренџери и специјални сили на воздухопловните сили, кои би ги заземале клучните точки пред пристигнувањето на маринците.

Маринците би можеле да ги истоварат силите од море или воздух. Во случај на поморски напад, десантните пловила би се користеле за транспорт на војници, оклопни возила, артилерија и ракетни системи ХИМАРС. „Тие ќе постават мостобран, а потоа ќе се движат низ островот“, вели пензионираниот полковник Марк Канцијан.

Сепак, приближувањето на бродовите кон Харг би било исклучително опасно бидејќи би морале да поминат низ Ормускиот теснец, кој Канцијан го опишува како „стрелиште“. Исто така, постои можност Иран веќе да поставил мини, што би барало дополнителни операции за расчистување под оган.

Алтернатива е воздушен напад од бродови надвор од Персискиот Залив, каде што војниците би морале да летаат до 1.600 километри до целта.

Хеликоптерите и авионите би биле изложени на оган од земја и напади од беспилотни летала, кои Иран сè повеќе ги користи. Исто така, постои можност САД да користат копнени бази во соседните земји, што би ги изложило тие земји на дополнителен ризик од ирански напади.

„Тоа би отворило и логистички и дипломатски проблеми, од снабдувањето со гориво и медицинска помош до преговорите за користење на територијата и воздушниот простор“, вели Џонатан Хакет, поранешен маринец.

Како алтернатива на преземање на Харг, САД би можеле да се обидат да ја преземат контролата врз острови во Ормускиот теснец, како што се Ларек, Кешм и Ормус. Сепак, освен воениот отпор, таквата операција носи и ризик од дестабилизација на глобалниот пазар на нафта уште од првите часови.

„Тоа би било форма на економско војување. Се борите во многу посложен простор“, вели Крумрих.

Иако заземањето на островот би им дало на САД силен адут за преговарање, не е јасно дали Иран би се согласил на преговори или дополнително би го ескалирал конфликтот. Исто така, постојат проценки дека Техеран би можел да ја уништи сопствената нафтена инфраструктура за да не падне во рацете на противниците.

Дури и ако операцијата помине непречено, можеби нема значително да ја промени позицијата на САД во војната, предупредуваат аналитичарите. „Клучното прашање е – што потоа?“, прашува Ник Рејнолдс од Лондонскиот институт РУСИ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ