„За жал, не постигнавме договор за 20-тиот пакет санкции. Тоа е чекор назад и порака што не сакавме да ја испратиме денес“, рече Калас по министерскиот состанок.
Унгарија и Словачка го блокираат 20-тиот пакет санкции против Русија, како и заемот од 90 милијарди евра за Украина. Овие две земји бараат Украина веднаш да го поправи оштетениот нафтовод Дружба, за да може транзитот на нафта до нивните рафинерии да продолжи што е можно поскоро. Нафтоводот беше оштетен на 27 јануари, наводно во напад со руски беспилотни летала.
Калас кажа дека работата за усвојување на санкциите ќе продолжи. Таа нагласи дека пристапот на барање од Украина да ја предаде својата територија мора да се напушти и од Русија мора да се побара да направи она што мора да го направи за да се постигне праведен и траен мир. „Украина не е пречка за мирот, туку Русија“, оцени таа.
„Не можеме да одговориме на максималистичките барања на Русија со минималистички одговор“, кажа шефицата на ЕУ дипломатијата, додавајќи дека Европа бара Русија да ги почитува своите граници, да престане со саботажи, да плати воени репарации и да ги врати киднапираните украински деца.
Калас кажа дека оваа ситуација со санкциите се повторува, дека се случило и претходно, но на крајот било можно да се усвојат 19 пакети санкции.
„Работиме на различни нивоа со нашите унгарски и словачки колеги за да го усвоиме и овој пакет. Жалам што денес не постигнавме договор пред утрешната тажна годишнина од почетокот на војната. Мора да испратиме силни сигнали дека продолжуваме да ѝ помагаме на Украина, но и да вршиме притисок врз Русија за да заврши оваа војна“, порача таа.
Неколку министри за надворешни работи во понеделник изјавија дека со повторната блокада на Украина унгарскиот премиер Виктор Орбан води изборна кампања пред клучните избори на 12 април, на кои анкетите покажуваат дека тој би можел да ја изгуби власта по 16 години. Орбан ја обвинува ЕУ дека води провоена политика.
„Многу ми е тешко да замислам, имајќи ја предвид унгарската историја, дека непомагањето на народот на Украина би можело да донесе какви било поени на изборите“, кажа Калас, отфрлајќи дека не знае каква е политичката атмосфера во Унгарија.
На прашањето кој е виновен за тоа што нафтоводот не е поправен, Калас одговори дека тоа е исклучиво Русија.
„Русија е виновна затоа што бомбардираше не само нафтоводот, туку и 80 проценти од украинската енергетска инфраструктура. Не можам да ги обвинам Украинците што даваат приоритет на поправката на енергетската инфраструктура што им е потребна, што даваат приоритет на сопствениот народ, луѓето на кои им е потребна електрична енергија и греење на температура од минус 25 степени, пред поправката на нафтоводот кој испорачува евтина руска нафта во други земји“, оцени Калас.
Калас не ја исклучи можноста за користење на замрзнатите руски средства ако Унгарија продолжи да го блокира заемот за Украина од 90 милијарди евра.
„На Европскиот совет беше договорен заем од 90 милијарди и бараме тој договор да се почитува. Ако тоа не функционира, секогаш можеме да се вратиме на користење на замрзнатите руски средства“, кажа Калас.
На самитот во декември, првата опција за помош на Украина беше да се користат замрзнатите средства на руската централна банка, но поради силното противење на Белгија, каде што се наоѓаат повеќето од овие средства, и со премолчена поддршка од некои други земји-членки, тоа решение не помина.
Наместо тоа, беше договорена резервна опција за бескаматен заем за Украина, за што исто така немаше консензус, и затоа беше користен механизмот на засилена соработка во кој учествуваат 24 земји-членки.
Унгарија, Словачка и Чешка се изземаа од плаќањето и нема да учествуваат во трошоците за отплата на заемот. Сепак, ова решение бара и согласност од сите земји-членки, бидејќи европскиот буџет е гарант на заемот.






