Ли, кој е фаворит на изборите на 3 јуни според анкетите исто така во порака на Фејсбук рече дека стабилно ќе управува со односите со Кина, за кои рече дека достигнале најниско ниво за време на претходната администрација.
Тој исто така вети дека ќе ги развива односите со САД како сеопфатен стратешки сојуз, како и дека принципиелно ќе одговара на минатите историски и територијални прашања поврзани со Јапонија, истовремено работејќи на зајакнување на соработката на својата земја со Вашингтон и Токио.
Во Јужна Кореја, кампањата за предвремените претседателски избори, кои ќе се одржат на 3 јуни, започна кон средината на мај, а претседателските кандидати најчесто најавуваат дека ќе го обединат длабоко поларизираното општество и ќе го стимулираат економскиот раст, во време кога трговските преговори со Соединетите Американски Држави се неизбежни.
На предвремените претседателски избори во јуни ќе биде избран наследник на јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јол, кој беше отповикан поради воведувањето краткорочна воена состојба, што ја втурна земјата во политичка криза.
На изборите, кандидатот на либералната Демократска партија Ли Џе Мјунг кој загуби од Јун Сук Јеол на претходните претседателски избори, се смета за фаворит, пренесува Ројтерс.
Неговите тековни судења за прашања кои се движат од поткуп до обвиненија, главно поврзани со скандал со развој на недвижнини вредни милијарда долари, се одложени за по изборите.
На предизборен митинг, облечен во панцир поради закани по својата безбедност, Ли Џе Мјунг вети дека ќе стане обединувачки лидер и ќе ја надмине трговската криза предизвикана од царините наметнати од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Доколку биде избран, Ли најави дека ќе се стреми да ги обнови влошените односи со Северна Кореја, која технички е во војна со Јужна Кореја, како и да се фокусира на подобрување на дипломатските односи со Европа.
Ким Мун Су, конзервативниот ривал на Ли од партијата Народна моќ (ППП), ја започна својата кампања на пазар во Сеул, јадејќи корејска супа од колбаси со трговците и ветувајќи дека ќе ги оживее малите бизниси во бавната економија.
Доколку биде избран, тој предложи итен состанок со Трамп за преговори за царините и најави дека ќе се фокусира на зајакнување на безбедносниот сојуз со САД.






