Во соопштението Хутите тврдат дека го гаѓале аеродромот Бен Гурион со хиперсонична балистичка ракета, која, како што додаваат, успешно ја достигнала својата цел.
Израелската полиција претходно соопшти дека имало ракетен напад во близина на аеродромот, без да прецизира дали нападот бил предизвикан од ракета истрелана од Јемен или од израелска контра ракета истрелана за да ја пресретне. Израелскиот министер за одбрана Израел Кац вети денеска седум пати посилен одговор на нападот од Јемен.
Ракетата паднала на неколку стотини метри од главната аеродромска зграда, а може да биде јеменска ракета или израелска контра ракета, пренесува Франс прес.
Бригадите Езедин Ал Касам, вооруженото крило на палестинскиот Хамас, го поздравија денешниот напад на јеменските бунтовници врз Израел и нивниот ракетен напад врз аеродромот во Тел Авив.
„Слава на Јемен, кој ги засилува своите напади врз срцето на нелегитимниот ционистички ентитет (Израел), пробивајќи ги најнапредните системи за воздушна одбрана во светот и погодувајќи цели со прецизност“, изјави Абу Обеида, портпарол на Бригадите.