петок, 26 декември 2025

Јато птици или руски ракети: што го соборило азербејџанскиот авион во Казахстан

Падот на авион во близина на градот Актау во Казахстан, во кој загинаа 38 патници, најверојатно е предизвикан од руската воздушна одбрана, објави Волстрит џурнал. И руските и азербејџанските власти дадоа поинакво објаснување, а експертите велат дека нив ги демантираат снимките и фотографиите од остатоците од авионот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Авионот на Азербејџан ерлајнс летал од Баку, Азербејџан, до Грозни, Русија, и го пренасочи курсот за да ја избегне областа каде што московската воздушна одбрана последниве недели се бори со украински беспилотни летала. Авионот, со 62 патници и пет члена на екипажот, се урна во близина на Актау во западен Казахстан, откако сврте и тргна кон исток над Касписко Море. Преживеаја дури 29 патници.

„Оспреј флајт солушнс“, независна компанија задолжена за воздухопловна безбедност од Велика Британија, вели дека авионот најверојатно бил соборен од руски противвоздушен систем. Мет Бори, главен разузнавач на компанијата, за Волстрит џурнал рекол дека видеото од остатоците и специфичните безбедносни околности во југозападна Русија укажуваат на можноста авионот да бил погоден од руската противвоздушна одбрана.

Авионот со 62 патници и пет члена на екипажот скршнал од планираната рута до Грозни и се обидел принудно да слета на три километри од Актау. Азербејџанската, руската и украинската страна дадоа различни толкувања на она што се случило.

Претседателот на Азербејџан Илхам Алиев рече дека е можно авионот да скршнал од рутата поради лошите временски услови. Тој, сепак, додаде дека е премногу рано да се шпекулира за причините за несреќата и дека истрагата е во тек. Според азербејџанските власти, пронајдена е црната кутија и таа може да даде информации за тоа што се случило.

Росавијација, руската агенција за цивилно воздухопловство, соопшти дека прелиминарната истрага покажала дека е можно судирот со јато птици да го принудил авионот на итно слетување.

Воздухопловните експерти со кои контактирал Ројтерс се сомневаат во оваа теорија. Тие велат дека судирот со јато птици може да предизвикал пилотот да ја загуби контролата над леталото, но веројатно немало да предизвика леталото неконтролирано да скршне од курсот.

Андреј Коваленко, претставник на националната безбедност на Украина, ја обвини Русија за соборувањето на авионот. Тој во објава на платформата Икс напиша дека авионот бил погоден од руската противвоздушна одбрана.

„Сепак, признанието би било непријатно за секого, па ќе се направи напор тоа да се прикрие, дури и дупките во остатоците од леталото“, напиша Коваленко.

Волстрит џурнал цитира експерти што тврдат дека дупките на опашот на авионот укажуваат на тоа дека падот може да биде резултат на можен ракетен напад или противвоздушен систем.

Снимката што се појави на социјалните мрежи, а чија автентичност ја потврдија светските агенции, го покажува авионот во остар пад пред да биде зафатен од пламен при ударот со земјата.

На друго видео се гледа како повредените излегуваат од урнатините.

Еуроњуз цитира информации добиени од официјални лица поврзани со истрагата, кои тврдат дека преживеаните рекле дека слушнале експлозија додека се приближувале до Грозни. Според преживеаните, експлозијата била проследена со нешто што личело на шрапнели, кои удриле во авионот и го оштетиле трупот на авионот.

Извештаите исто така укажуваат дека во средата наутро, за време на летот, се случиле напади со беспилотни летала во два региони во близина на Чеченија, каде што се наоѓа Грозни. Еуроњуз потсетува дека Грозни жестоко се брани, бидејќи борците на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров играат значајна улога во војната на Русија против Украина.

Азербејџанските медиуми ги пренесуваат изјавите на руски блогер што тврди дека штетата покажува дека е можно авионот случајно да бил погоден од ракетен систем од противвоздушна одбрана.

Засега ситуацијата потсетува на 2014 година, кога проруските сепаратисти во Донбас го соборија авионот на авионот на летот МХ17 со проектил земја-воздух.

Авионот, пак, на летот 8.432 патувал меѓу главниот град на Азербејџан Баку и Грозни во Чеченија. Според податоците на азербејџанските власти, во авионот имало 37 нивни државјани, 16 руски државјани, шест Казахстанци и тројца Киргистанци.

Меѓу преживеаните има и две деца, кои се хоспитализирани.

Веб-страницата за следење летови „Флајтрадар24“ објави дека авионот се движел во облик на осумка додека се приближувал до аеродромот во Актау. Во последните неколку минути неговата височина значително се поместувала нагоре и надолу, пред авионот конечно да падне.

Веб-страницата соопшти дека авионот имал и силни ГПС-пречки, поради што испраќал лоши АДС-Б податоци, кои им овозможуваат на сајтовите за следење летови да ги следат авионите во воздухот.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ