сабота, 14 јуни 2025

„Јастребите“ ќе се смират штом Путин ќе повлече потег

Додека рускиот претседател Владимир Путин ја разгледува можноста за мировен договор за окончување на војната во Украина, милитантните антизападни националисти дома водат кампања за конфликтот да потрае.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Го предаваме оружјето, ја предаваме земјата!“ изјави минатата недела Павел Губарев, проруски активист во делот од Донецката област во источна Украина под контрола на Москва, беснеејќи поради можноста за „замрзнување“ на конфликтот долж сегашните фронтовски линии.

На некој пораснат на Западот, на прв поглед може да му изгледа дека Путин е под притисок.

Сепак, таканаречените „Z-патриоти“ мора да се придржуваат на одредени правила и не претставуваат реална закана за Путин, изјавија три лица блиски до Кремљ. Според изворите, од нив ќе се очекува да ја следат линијата на Кремљ кога и ако дојде моментот за постигнување мир.

Во исто време, Путин и неговите разузнавачки служби мора да управуваат со најтврдокорните националистички кругови во Русија за да не ги попречуваат неговите цели, кажале соговорниците.

Аналитичарите истакнуваат дека застапувајќи го продолжувањето на војната во време кога американскиот претседател Доналд Трамп и некои западноевропски лидери вршат притисок за договор, Z-патриотите понекогаш можат да одат предалеку за вкусот на Кремљ, поттикнувајќи ја јавноста и создавајќи очекувања за поамбициозна офанзива на бојното поле.

„Не се сите под целосна контрола“, вели Татјана Становаја, виш соработник во Карнеги центарот за Русија и Евроазија, која го проучува Кремљ со години.

Становаја, која минатата година беше етикетирана како „странски агент“ од страна на руските власти, истакнува дека некои Z-патриоти ја повикале руската армија да ги окупира украинските градови Киев и Одеса, па дури и да ја нападне Полска. Ваквите цели одат многу подалеку од она што Путин го наведе како воени цели на Русија – иако тој прогласи четири украински региони, покрај Крим, за дел од Русија.

„Нивното поттикнување на луѓето и притискање на општеството да поддржи поголема воена кампања е пречка, а се вложува труд да се влијае врз нив да ги ублажат своите пораки или едноставно да замолчат, бидејќи го вознемируваат општеството во време кога Путин треба да води преговори“, вели Становаја.

Некои од Z-патриотите, воени блогери или воени репортери, имаат половина милион или повеќе следбеници на социјалната мрежа Телеграм и се широко читани во Русија, вклучително и кај елитата, но и во странство и во Украина.

Сепак, тие мора да бидат внимателни.

Националистите кои претходно се спротивставуваа на Кремљ наидоа на проблеми, особено бунтовничкиот лидер лидер на платеничката група Вагнер Евгениј Пригожин и гласниот ултранационалист Игор Гиркин. Пригожин загина во авионска несреќа, а Гиркин заврши во затвор.

Кремљ ги отфрли како „апсолутна лага“ тврдењата дека Путин наредил ликвидација на Пригожин како одмазда за неговиот бунт. Тој исто така тврди дека не се меша во судските постапки, што критичарите го оспоруваат.

Аналитичарите велат дека З-Патриотите му биле корисни на Кремљ, помагајќи му да изгради и одржи широка јавна поддршка за војната во текот на изминатите три години.

Сепак, З-патриотите кои се премногу гласни за можен мировен договор ризикуваат да бидат отстранети од сцената, рекоа три извори, кои, како и другите соговорници во оваа приказна, зборувале под услов на анонимност поради чувствителноста на темата.

Еден од изворите кажа дека ултранационалистите брзо ќе ја променат својата реторика откако Кремљ ќе одлучи да го тргне патот на мирот. „Ќе биде како некој да стиснал прекинувачот за светло“, вели изворот.

„Војната ќе продолжи“

Откако Путин минатата недела повика на директни мировни преговори со Украина во Истанбул, на прес конференција во Кремљ, некои ултранационалисти брзо изразија загриженост.

„Нашата војна ќе продолжи до целосно ослободување на Новорусија и Малорусија“, напиша на својот блог во понеделникот Константин Малофеев, националистички тајкун кој е во брак со висока владина функционерка која директно го известува Путин. Тој употребил термини што потекнуваат од ерата на Руската империја и се однесуваат на деловите од современа Украина што некогаш биле под власта на царевите.

Во меѓувреме, Дмитриј Медведев, поранешниот претседател на Русија, кој моментално е заменик-претседател на Советот за безбедност и кој некогаш се опишуваше себеси како либерален прозападен модернизатор, во саботата на социјалната мрежа Икс напиша дека прекинот на огнот ќе ѝ овозможи „одмор“ на украинската војска“.

Медведев има стекнато репутација дека често дава екстремни и недипломатски изјави, но неговите ставови сепак одразуваат една струја на размислување меѓу високите функционери на Кремљ, изјавија пет дипломати интервјуирани од Ројтерс. Како поранешен шеф на државата, Медведев, според аналитичарите и еден од изворите, сè уште има блиски односи со Путин и ужива посебна слобода да дава јавни соопштенија.

Еден од изворите рече дека воинствените изјави на националисти како Малофеев би можеле да бидат еден показател за тоа дали Кремљ е навистина блиску до постигнување мир во Украина.

Ако и кога војната ќе заврши или е близу до крај и ситуацијата ќе се промени, таквите луѓе ќе почувствуваат дека ветерот ја сменил насоката, рече еден извор. Оние кои нема да го прилагодат своето однесување би можеле да се најдат во затвор, додава друг извор.

Властите јасно ставија до знаење две работи: забрането е да се критикува Путин и врвот на армијата.

Според законот усвоен набрзо откако десетици илјади руски војници влегоа во Украина во 2022 година, „дискредитирањето“ на војската стана казниво со затвор до 15 години.

Откако ги обвини Путин и военото раководство за неуспесите во Украина, Игор Гиркин, поранешен офицер на ФСБ и командант на бојното поле, баран на Западот за воени злосторства, беше осуден во 2024 година за поттикнување екстремизам и доби четиригодишна затворска казна.

Сепак, во понеделникот тој напиша на социјалните мрежи од затвор дека „само будала или саботер кој тајно му помага на непријателот во информатичката сфера може да зборува за скор крај на војната и за каков било компромис“.

Евгениј Пригожин, основач на платеничката група Вагнер, ги поведе своите луѓе на неуспешен и крвав марш кон Москва на 23 јуни во обид да го собори тогашниот министер за одбрана, а по патот се впушти и во лична критика на Путин.

Тој загина во авионска несреќа заедно со неговите најблиски соработници точно два месеци по бунтот. Путин подоцна посочи дека авионот бил разнесен со рачни гранати додека патниците биле под дејство на кокаин и алкохол.

„Воена партија“

Многу Руси го поврзуваат терминот Z-патриоти со воени блогери и новинари, група која доби на важност по почетокот на конфликтот.

Во раните фази од војната, тие беа гласни и критички настроени, но подоцна Кремљ и министерството за одбрана ги поканија на брифинзи, обидувајќи се да ги придобијат на своја страна. Некои од нив сега ги објавуваат соопштенијата за медиумите на министерството за одбрана заедно со своите анализи; други се сепак поотворени и покритични.

Сепак, таканаречената „воена партија“ вклучува поширока група гласови, вклучувајќи членови на Државната дума, Долниот дом на парламентот и таканаречени „политички технолози“, експерти кои го обликуваат јавното мислење во вечерните емисии на државната телевизија посветени на војната, обезбедувајќи му на Кремљ корисна услуга со повторување и засилување на претпочитаната нарација.

Меѓу воените јастреби се и личности поврзани со министерството за одбрана, разузнавачките служби, агенциите за спроведување на законот, како и поединци кои биле или сè уште се блиски до Путин.

Оние што имаат пристап до воена телевизија редовно упатуваат диви закани против Западот, како што се употреба на нуклеарно оружје против Велика Британија или инвазија на балтичките држави.

Четврти извор од Русија изјави дека желбата за продолжување на војната во некои кругови е мотивирана од внатрешен притисок во системот врз Путин еднаш засекогаш да го реши она што тие го сметаат за руски „проблем со Украина“.

Становаја од Карнеги центарот, кој врз основа на истражување на јавното мислење проценува дека ставовите на Z-патриотите ги делат помеѓу 10 и 15 отсто од Русите, вели дека цврстото верување на Путин во сопствените идеи значи дека националистите не се сериозно влијание врз него.

„Без радикални промени во надворешната политика, Путин е решен да ја заврши војната според свои услови“, рече таа, алудирајќи на неговите декларирани цели во врска со територијата и безбедноста во Украина. „Тој е подготвен да води војна со години или да ги постигне своите цели на поинаков начин.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ