Во преговорите со САД, Токио се обидува да добие укинување на американските царини од 25 отсто за увоз на автомобили и најавената „реципрочна“ царина од 24 отсто за увоз на други јапонски стоки. Вашингтон го одложи воведувањето на „реципрочните“ царини до 9 јули, а на Токио полека му истекува времето за склучување трговски договор.
Автомобилскиот сектор е најголемиот работодавач и извозник во Јапонија, но земјоделците традиционално се важен изборен елемент за Либерално-демократската партија на премиерот Шигеру Ишиба, која се соочува со клучни избори за горниот дом на парламентот на 20 јули.
„Неколку пати повторив дека земјоделството е темел на јапонската нација“, изјави главниот трговски преговарач, министерот за економија Рјосеи Аказава, на прес конференција. „Нашата позиција во преговорите со САД не е променета. Нема да водиме разговори кои би го жртвувале земјоделскиот сектор“, кажа Аказава.
Ќе ги продолжам преговорите со САД со цел да ги заштитам националните интереси на Јапонија, додаде министерот, кој се врати пред неколку дена од неговата последна, седма посета на Вашингтон. Аказава не кажа дали на состанокот било разговарано и за оризот.
Трамп напиша на социјалната мрежа Трут соушал дека неподготвеноста на Јапонија да увезува американски ориз покажува дека партнерите на Америка се „разгалени“. „Имам голема почит кон Јапонија, тие не го сакаат нашиот ориз, и покрај огромниот недостиг“, напиша Трамп.
Јапонија увезе невидени количини американски ориз во последните месеци за да ги заузда цените, но го ограничува бесцаринскиот увоз на ориз наменет за човечка исхрана на 100.000 тони годишно. Доколку ја надмине таа квота, увозникот мора да плати такса од 341 јени (2,37 долари) по килограм.
Од друга страна, Јапонија троши приближно седум милиони тони ориз годишно, пишува Ројтерс. Министерот за земјоделство Шинџиро Коизуми се пожали дека поплавата од увезен ориз е закана за безбедноста на храната во Јапонија, но владата сепак го помести јавниот тендер за набавка на првата транша од 30.000 тони увезен ориз без царина од септември до крајот на јуни.
Резултатите покажуваат дека на јавниот тендер, одржан на 27 јуни, биле добиени понуди за испорака на 81.853 тони ориз, вклучувајќи дури 25.541 тони од САД. Компаниите од Австралија понудиле 1500 тони, а од Тајланд 708 тони.
Увозот на ориз што подлежи на царина, исто така, се зголемил, покажуваат податоците од министерството за финансии, па така приватните компании увезле околу 10.600 тони ориз наменет за човечка исхрана само во мај, а приближно три четвртини од тие пратки дошле од САД, пишува Ројтерс.






