петок, 26 декември 2025

Јапонската влада одобри рекорден воен буџет

Јапонската влада го одобри предлогот за воен буџет за наредната година што надминува 9.000 милијарди јени (58 милијарди долари), со цел да ги зајакне, пред сè, способностите за напади и крајбрежната одбрана со крстосувачки ракети и беспилотни летала, во услови на растечки тензии во регионот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Предлог-буџетот за фискалната 2026 година, која започнува во април, е поголем за 9,4 отсто во споредба со 2025 година и ја означува четвртата година од тековниот петгодишен план на Јапонија во кој значително се зголемуваат издвојувањата за вооружување.

Зголемувањето на буџетот доаѓа во време кога Јапонија се соочува со пораст на тензиите со Кина. Премиерката Санае Такаичи во ноември изјави дека јапонската војска би можела да биде вклучена доколку Кина преземе акции против Тајван, самоуправен остров за кој Пекинг тврди дека мора да дојде под негова власт.

Владата на Такаичи, под притисок од САД за зголемување на воените издвојувања, вети дека ќе ја достигне целта од два отсто од БДП за потребите на одбраната до март — две години порано од планираното. Јапонија исто така планира да ја ревидира тековната безбедносна и одбранбена политика до декември 2026 година и дополнително да ја зајакне својата војска.

Јапонија ги зајакнува своите офанзивни способности со ракети со долг дострел за напади врз непријателски цели од далечина, што претставува големо отстапување од нејзиниот принцип по Втората светска војна, кога ја ограничи употребата на сила исклучиво на сопствена самоодбрана.

Актуелната безбедносна стратегија, усвоена во 2022 година, ја именува Кина како најголем стратегиски предизвик и повикува на поофанзивна улога на јапонските сили за самоодбрана во рамките на безбедносниот сојуз со САД.

Во новиот буџетски план се издвојуваат повеќе од 970 милијарди јени (6,2 милијарди долари) за зајакнување на јапонските ракетни способности. Ова вклучува набавка на ракетата земја–брод тип 12, од домашно производство и унапредена верзија, со дострел од околу 1.000 километри.

Првиот контингент ракети тип 12 ќе бидат распоредени во југозападната јапонска префектура Кумамото до март, една година порано од планираното, што покажува дека Јапонија го забрзува распоредувањето ракети во тој регион.

Поради сè постарата и сè помалобројна јапонска популација и тешкотиите со недостиг од воен кадар, неопходно е обезбедување беспилотни оружени системи.

За одбрана на крајбрежјето, Јапонија ќе потроши 100 милијарди јени (640 милиони долари) за распоредување воздушни, морски и подводни дронови за надзор и одбрана, во рамките на системот наречен „Штит“, планиран за март 2028 година, соопштија официјални лица од Министерството за одбрана.

За побрзо распоредување на ова оружје, Јапонија првично планира главно да се потпре на увоз, можно од Турција или Израел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ