Санае Такаичи предизвика возбуда минатата недела кога ги повика помошниците во својата канцеларија на состанок во три часот наутро за да се подготви за сослушувањето на буџетскиот комитет што требаше да започне шест часа подоцна, објави Гардијан.
Откако стана првата жена лидер на Јапонија, таа вети дека ќе „работи, работи и само работи“.
Покажувајќи кон своите темни подочници, Такаичи им рече на пратениците дека спие минимално – навика што ја дели со нејзиниот политички идол Маргарет Тачер – откако беше прашана како се справува со долгите работни часови во Јапонија.
„Сега спијам околу два часа, најмногу четири“, им рече таа на пратениците на состанокот на законодавниот комитет.
Јапонија се бори да ја промени корпоративната култура што очекува вработените да работат долги часови и често да се дружат со колегите навечер.
Прекумерното работно време е причина за зголемувањето на кароши, т.е. смртните случаи од прекумерна работа, а им отежнува на исцрпените парови да придонесат за зголемување на ниската стапка на наталитет во земјата.
Постои загриженост дека Такаичи очекува вработените да работат подолги часови за да го поттикнат економскиот раст, додека нејзината администрација разгледува евентуално зголемување на ограничувањата за прекувремена работа.
Новата премиерка на Јапонија истакна дека секоја промена во условите за работа би му дала приоритет на здравјето на работниците.
Откако беше избрана за претседателка на Либерално-демократската партија (ЛДП) и подоцна премиерка во почетокот на октомври, Такаичи рече дека ќе се откаже од идејата за „рамнотежа помеѓу работата и животот за себе“, но исто така ги повика своите колеги од ЛДП да „работат како коњи“.
Нејзиното големо работно оптоварување со работа предизвика загриженост кај политичките истомисленици, како и кај противниците. Кен Саито, поранешниот министер за економија од ЛДП, рече дека е „искрено загрижен“ за здравјето на Такаичи, додека Кацухито Накаџима, пратеник од опозицијата, ја повика да спие повеќе, предизвикувајќи кимнување и насмевка од премиерката.
Таа не е единствениот Јапонец што не спие доволно, иако малкумина од нејзините сонародници можат да се споредат со неа.
Студија објавена на Светскиот ден на спиењето во март покажа дека луѓето во Јапонија спијат во просек седум часа и една минута во текот на работните денови – 38 минути помалку од меѓународниот просек и помалку од луѓето во САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Канада.






