понеделник, 9 февруари 2026

Јапонската премиерка обезбеди супермнозинство и најави даночни олеснувања и јакнење на војската

Коалицијата на јапонската премиерка Санае Такаичи викендов оствари историска изборна победа, обезбедувајќи двотретинско мнозинство во долниот дом на парламентот и отворајќи го патот за најавените даночни олеснувања и зголемување на воените трошоци насочени кон спротивставување на Кина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Такаичи за својата Либерално-демократска партија (ЛДП) освои 316 од вкупно 465 места во долниот дом на парламентот, што е најдобар резултат во историјата на партијата. Заедно со коалицискиот партнер, Партијата на иновации на Јапонија, таа контролира вкупно 352 пратенички места, со што е обезбедено двотретинско супермнозинство.

Таквиот однос на силите ѝ овозможува на владата да го надгласа горниот дом на парламентот, во кој нема мнозинство, и значително го олеснува спроведувањето на законодавната програма.

„Овие избори вклучуваа големи промени во политиките – особено во економската и фискалната политика, како и во јакнењето на безбедносната политика“, изјави Такаичи во телевизиско интервју додека пристигнуваа изборните резултати. „Тоа се политики што предизвикаа многу противење. Ако ја добивме поддршката од јавноста, тогаш со тие прашања мораме да се зафатиме со полна сила“, додаде таа.

Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ честиташе на Такаичи за изборниот успех, посакувајќи ѝ „голем успех во спроведувањето на конзервативната агенда за мир преку сила“, објави тој на социјалните мрежи.

Избирачите ги привлече нејзината директност и имиџот на вредна политичарка, но националистичките нагласоци и силниот фокус на безбедноста дополнително ги оптоварија односите со Кина. Истовремено, најавите за даночни олеснувања ги вознемирија финансиските пазари.

Такаичи во кампањата вети укинување на 8-процентниот данок на промет на храна за да им се помогне на домаќинствата да се справат со растечките цени, што предизвика загриженост кај инвеститорите околу прашањето како Јапонија, земја со највисок однос на јавен долг меѓу развиените економии, ќе го финансира таквиот потег.

Во неделата таа порача дека ќе го забрза разгледувањето на намалувањето на данокот на промет, со нагласок на фискалната одржливост. „Нејзините планови за намалување на данокот на потрошувачка отвораат големи прашања околу финансирањето и одржливоста“, изјави Крис Скилуна, раководител на истражувања во Даива капитал маркетс Јуроп во Лондон.

ЛДП, која владееше речиси во целиот повоен период на Јапонија, ја изгуби контролата врз двата дома на парламентот на изборите во изминатите 15 месеци под претходникот на Такаичи, Шигеру Ишиба. Такаичи успеа да ја сврти судбината на партијата со силна поддршка од помладите гласачи.

Таа го поттикна и популарниот феномен наречен „санакатсу“, што може да се преведе како „Санае-манија“. Предмети како нејзината чанта и розовото пенкало со кое запишува белешки во парламентот станаа барана стока.

Неколку недели по стапувањето на должност, Такаичи го предизвика најголемиот спор со Пекинг во повеќе од една деценија со изјавата дека Токио би можел да одговори на евентуален кинески напад врз Тајван. Кина реагираше со низа контрамерки, вклучително и повици до своите граѓани да не патуваат во Јапонија.

Претседателот на Тајван, Лаи Чинг-те, беше меѓу првите странски лидери што ѝ честитаа, изразувајќи надеж дека нејзината победа ќе донесе „попросперитетна и побезбедна иднина за Јапонија и нејзините партнери во регионот“.

Силниот мандат на Такаичи би можел дополнително да ги забрза плановите за јакнење на јапонската одбрана, што дополнително го загрижува Пекинг, кој ја обвинува за обид да го оживее милитаристичкото минато.

Јапонскиот министер за одбрана Шинџиро Коизуми синоќа изјави дека сака да продолжи со јакнењето на одбранбените способности, но и да одржува дијалог со Кина.

„Пекинг сигурно нема да ја поздрави победата на Такаичи“, изјави Дејвид Болинг, главен советник во Азија груп. „Кина сега се соочува со реалноста дека таа цврсто е на власт и дека обидите за нејзина изолација пропаднаа.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ