вторник, 1 април 2025

Јапонија се подготвува за војна, објави план за евакуација

Јапонија за прв пат објави план за евакуација на повеќе од 100.000 цивили од оддалечените острови во близина на Тајван во случај на конфликт во регионот, во услови на зголемени тензии меѓу Пекинг и Тајпеј.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Според планот, ќе бидат мобилизирани бродови и авиони за евакуација на околу 110.000 жители и 10.000 туристи од пет острови на архипелагот Сакишима, на југозапад од земјата.

Како што пренесува новинската агенција Кјодо, евакуираните ќе бидат преместени во осум префектури на југозапад и запад на Јапонија во рок од шест дена. Тие ќе патуваат со приватни фериботи или авиони до островот Кјушу, еден од четирите главни острови во Јапонија, и потоа ќе бидат распоредени на различни места за прием.

Владата во Токио најави и спроведување на вежби за евакуација на островите Сакишима, кои административно припаѓаат на префектурата Окинава, почнувајќи од април следната година.

Изгледите Кина да започне воена инвазија на Тајван – самоуправен остров кој Пекинг го смета за своја територија и сака да го „обедини“ со остатокот од Кина – ја поттикна Јапонија да ги зајакне безбедносните мерки на своите оддалечени острови, кои би можеле да бидат на првата линија на конфликтот. Кина го засили воениот притисок врз Тајван во последниве години, не исклучувајќи ја употребата на сила за повторно воспоставување контрола над островот.

Јапонската влада исто така планира да инсталира ракетни системи земја-воздух на островот Јонагуни, на само 100 километри од Тајван. На тој остров, каде веќе е сместена базата на јапонската армија за самоодбрана, се градат привремени подземни засолништа, опремени со залихи на храна и вода за двонеделна употреба, пренесуваат јапонските медиуми.

Министерот за одбрана, генерал Накатани, во јануари рече дека постои „силно чувство на загриженост“ меѓу луѓето на пограничните острови.

„Сакам да сторам сѐ што е во моја моќ за да ја одбранам нашата земја“, изјави тој за дневниот весник Џомиури Шимбун.

Иако Тајван не е директно спомнат во плановите, загриженоста дека островската демократија би можела да стане точка на судир е зголемена со руската инвазија на Украина во 2022 година и враќањето на надворешната политика на Доналд Трамп „Америка на прво место“. Некои локални власти ја доведуваат во прашање подготвеноста на Вашингтон да ги заштити Тајван и американските сојузници во регионот.

Плановите за евакуација привлекоа големо внимание кај тајванските медиуми, каде што многу коментатори ги поврзаа потезите на Јапонија со зголемените тензии во Тајванскиот теснец и промената на односите со САД.

„Сѐ повеќе изгледа како да се подготвуваме за војна“, коментира еден читател.

„Јапонците знаат дека Трамп нема да ги заштити“, рече друг читател. „Дури и да испратат оружје во Тајван, можеби нема да победат. Тие веќе сфатија како да се повлечат. Но, дали нашата влада сфати како да го заштити својот народ?“

Јапонските медиуми на почетокот на месецов објавија дека владата планира да распореди ракети со долг дострел на островот Кјушу, во услови на зголемена загриженост поради ставот на администрацијата на Трамп за повоениот американско-јапонски безбедносен договор, кој го обврзува Вашингтон да ја брани Јапонија во случај на напад.

Трамп го нарече договорот едностран, велејќи на почетокот на март: „Имаме одлични односи со Јапонија, но имаме интересен договор – мораме да ги заштитиме, а тие не мора да нè штитат нас. Така пишува во тој договор… и патем, тие прават вистинско богатство со нас. Се прашувам кој сепак ги прави тие договори?“

Главниот секретар на јапонскиот кабинет Јошимаса Хајаши изјави дека плановите за евакуација се направени „под претпоставка дека Јапонија може да се соочи со ситуација во која се можни вооружени напади“, објави Кјодо.

Окинава, која е домаќин на речиси 50.000 американски војници, може да игра клучна воена улога во случај на вонредна состојба над Тајван. Јапонија исто така има спор со Кина за островите Сенкаку во Источното Кинеско Море – тоа се ненаселени острови со кои управува Токио, додека Кина ги поседува под името Диаоју.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ