Јапонската економија, која силно зависи од извозот, би можела сериозно да трпи од планот на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе царини од 25 отсто на увозот на автомобили, најавен минатата недела. Трамп вети и дека на 2 април ќе го претстави реципрочниот режим на царини кон сите држави.
Владата на Јапонија разгледува различни мерки за ублажување на ударот, вклучувајќи финансиска помош на фирмите кои се под притисок на ликвидноста, кажа Ишиба на конференција за медиумите, пренесува Ројтерс.
„Во најскор рок ќе преговараме со владејачката коалиција за конкретните мерки кои можеме да ги преземеме ако Јапонија се соочи со повисоки царини“, изјави Ишиба и додаде дека државни функционери веќе водат разговори со американските партнери за да добијат повеќе детали за планираните царини од Вашингтон.
Ишиба најави дека нема да се колеба повторно да отпатува во САД и лично да побара изземање за Јапонија.
Инфлацијата во Јапонија во февруари достигна 3,7 отсто, што е меѓу највисоките стапки меѓу развиените земји. Пред сè поради константниот раст на цените на храната, вклучувајќи ги и основните намирници како оризот. Додека големите концерни во годинешните преговори со синдикатите се согласија на значителни зголемувања на платите, сè уште е неизвесно дали и помалите фирми ќе можат да го следат тој пример, особено во услови на неизвесна деловна клима која дополнително е оптоварена од царините на Трамп.
Ишиба најави дека владата до мај ќе подготви пакет мерки за зголемување на минималната заработка, а до јуни посебен пакет за поддршка на помалите фирми, кој ќе им овозможи полесно да ги пренесат поголемите трошоци на крајните цени.
„Зголемувањето на платите е суштински дел на нашата стратегија за раст“, кажа Ишиба, истакнувајќи дека целта е да се обезбеди раст на заработката кој ќе го следи растот на трошоците за живот.