Американскиот претседател Доналд Трамп повеќе пати повтори дека сака да го заврши најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна и во последните денови покажува растечка фрустрација кон Путин, предупредувајќи вчера дека рускиот лидер „си игра со оган“ бидејќи одбива да учествува во разговорите за прекин на огнот со Киев додека неговите сили напредуваат на бојното поле.
По разговорот со Трамп кој траеше повеќе од два часа минатата недела, Путин кажа дека се согласил да соработува со Украина на меморандум кој ќе ги истакне контурите на мировниот договор, вклучително и временска рамка за прекин на огнот. Русија соопшти дека во моментов работи на сопствена верзија на меморандумот и не може да процени колку време ќе ѝ биде потребно.
Киев и европските влади ја обвинија Москва за одложување додека нејзините сили напредуваат во источна Украина.
„Путин е подготвен да склучи мир, но не по секоја цена“, изјавил висок руски извор запознаен со размислувањата на највисоко ниво во Кремљ. Изворот зборувал под услов да остане анонимен.
Трите руски извори рекле дека Путин сака „писмено“ ветување од големите западни сили дека НАТО алијансата предводена од Соединетите Американски Држави нема да се шири на исток, поблаг термин за она што Русија го сака – формално исклучување на перспективата за членство на Украина, Грузија и Молдавија и други поранешни советски републики.
Русија, исто така, бара Украина да биде неутрална, да се укинат некои западни санкции, да се реши прашањето за замрзнатите руски државни средства на Запад и да се заштитат луѓето кои зборуваат руски јазик во Украина, рекле трите извори.
Првиот извор рекол дека ако Путин сфати дека не може да постигне мировен договор по свои услови, ќе се обиде да им покаже со воени победи на Украинците и Европејците дека „мирот во иднина уште повеќе ќе ги боли“.