Примирјето стапи на сила во петокот по двегодишната војна во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас. Тоа е засновано на планот од 20 точки на американскиот претседател и предвидува разоружување на Хамас и исклучува каква било улога на исламистичкото движење во идното управување со палестинската територија.
„За Хамас, управувањето со Појасот Газа е решено прашање. Хамас воопшто нема да учествува во него во преодната фаза, што значи дека се откажал од контролата врз Појасот Газа, но тој останува фундаментален елемент на палестинското општество“, изјави за Франс прес извор близок до преговарачкиот тим на Хамас, сакајќи да остане анонимен.
Додека раководството на Хамас беше поделено по клучните прашања во минатото, особено во врска со идното управување со Газа, овој пат се чини дека постои општа согласност да се одбие разоружувањето.
„Хамас прифаќа долгорочен прекин на огнот, како и фактот оружјето на Хамас воопшто да не се користи во текот на споменатиот период, освен во случај на израелски напад врз Газа“, кажа изворот. „Предложеното целосно предавање на оружјето не доаѓа предвид и не е предмет на преговори“, изјави за Франс прес во саботата функционер на Хамас, кој исто побарал да остане анонимен.
Првата клаузула од планот на Трамп предвидува Појасот Газа, над кој исламистичкото движење ја презеде власта во 2007 година, да стане „дерадикализирана зона и зона без терор која нема да претставува закана за своите соседи“.
Планот, исто така, предвидува дека Хамас нема да има никаква улога во идното управување со Појасот Газа и дека неговата воена инфраструктура и арсенал ќе бидат уништени. „Технократски и аполитичен“ палестински комитет ќе биде одговорен за управување со јавните услуги за време на транзициската фаза.
Извор близок до преговарачите изјави дека преговарачкиот тим побарал од Египет, една од земјите посреднички, да свика состанок пред крајот на следната недела за да се постигне договор за составот на одборот, додавајќи дека списокот со имиња е „скоро готов“.
„Хамас, заедно со другите фракции, предложи 40 имиња. Апсолутно нема вето за нив и ниту едно од нив не му припаѓа на Хамас“, кажа истиот извор.
Утре светски лидери ќе учествуваат на мировен самит во египетскиот град Шарм Ел Шеик, каде што ќе го финализираат договорот за прекин на огнот во Газа, објави канцеларијата на египетскиот претседател. Самитот ќе го водат египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси и американскиот претседател Доналд Трамп, а ќе учествуваат лидери од повеќе од дваесет земји, според соопштението на кабинетот на египетскиот претседател.
„Целта на самитот е да се стави крај на војната во Појасот Газа, да се зајакнат напорите за постигнување мир и стабилност на Блискиот Исток и да се отвори ново поглавје во регионалната безбедност и стабилност“, се вели во соопштението.
Францускиот претседател Емануел Макрон ќе отпатува во Египет во понеделник за да ја покаже својата „поддршка за спроведување на договорот што го презентираше претседателот Трамп за прекин на војната во Газа“ меѓу Израел и Хамас, објави Елисејската палата во саботата.
На состанокот со регионалните партнери Макрон ќе разговара за следните чекори во спроведувањето на мировниот план и повторно ќе нагласи дека Франција се залага за решение со две држави што е основа за траен мир, безбедност и реконструкција на регионот, истакнува кабинетот на претседателот.
И британскиот премиер Кир Стармер ќе учествува на самитот, потврди Даунинг стрит, нагласувајќи ја важноста на мировниот договор како „историска пресвртница“ по две години војна.
Хамас објави дека нема да учествува во официјалното потпишување на договорот. „Хамас нема да учествува во процесот на потпишување. Ќе присуствуваат само медијаторите, заедно со американските и израелските претставници“, изјавија извори во организацијата.
Во првата фаза од договорот Хамас мора да ги ослободи сите израелски заложници кои сè уште се во Газа до понеделник. Според израелските информации, се верува дека 20 од 48-те заложници се живи.
За возврат, Израел мора да ослободи 250 Палестинци кои издржуваат доживотни затворски казни и приближно 1.700 други притворени по нападите предводени од Хамас пред две години.






