„Кој сте Вие да ги коментирате изјавите на претседателот на Србија, кој левичарски фактор на Европската Унија? Кого го интересира што Вие мислите, освен неколку наши домашни дежурни муви, кои со благодарност ја испраќаат секоја критика кон Србија“, напиша Брнабиќ на социјалната мрежа Икс.
„Кому Вие воопшто му солите памет за вршење притисок врз обвинителството и судството, кога први вршевте неприфатлив притисок за ослободување на терористите од притвор? Директно се вмешавте во внатрешните работи на Србија и на најгруб начин ја злоупотребивте вашата, секако, бесмислена позиција во Европскиот парламент, со цел да издавате наредби до обвинителството на суверена земја. Пицула, рацете подалеку од Србија“, порача шефицата на парламентот на таа земја.
Пицула претходно денес изјави дека изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ стануваат сè побизарни во потрагата по надворешни виновници за длабоките поделби во Србија.
„Тој самиот врши притисок врз судството бидејќи бара итно ослободување од притвор на насилниците кои сериозно повредија студентка во Нови Сад“, напиша Пицула на Икс.
Тој претходно за загрепски Вечерњи лист изјави дека Вучиќ ја губи моќта врз одредени сегменти во самата Србија и дека неговите изјави стануваат сè побизарни колку што се поголеми овие загуби.
Пицула даде кратко интервју за тој медиум во Брисел, бидејќи Вучиќ повторно го спомена во навредлив контекст.
Зборувајќи за случајот на Марија Васиќ, која беше уапсена пред два месеци под обвинение за уривање на уставниот поредок, а која пред десет дена штрајкуваше со глад и жед, Вучиќ вчера изјави:
„Јаде и пие како змеј. Нема никакви проблеми. Ништо не ѝ недостасува. Само излажавте. Пицула се активираше. Ние не држиме луѓе во Јасеновац како овие. Срам да ви е, вие ќе ни кажувате на нас. Ништо не ѝ недостасува, но им недостасува на момците кои се во притвор двојно подолго, а никој не прашува за нивното здравје…“
Коментирајќи ја изјавата на претседателот на Србија, Пицула кажа:
„Пред сè, се надевам дека госпоѓа Марија Васиќ, која започна штрајкот со глад и жед, сега ќе биде подобро по одлуката на судот и нејзиното префрлање од психијатриската болница во домашен притвор. Исто така, се надевам дека ќе се опорави. Што се однесува до српскиот претседател Александар Вучиќ, неговите изјави стануваат сè побизарни, до степен што тој очигледно ја губи контролата врз одредени сегменти во самата Србија. Секако, сите го обвинуваат Александар Вучиќ за длабоката поларизација во која веќе се наоѓа земјата. Сите, освен него и луѓето со кои е опкружен. При тоа не треба да заборават едно. Тој самиот изврши притисок врз судството, велејќи дека веднаш треба да ги ослободат насилниците, кои навистина нападнаа и повредија студентка во Нови Сад. Значи, тие мора да се согласат дали станува збор за чин на насилство, за што завршија во притвор. Затоа Вучевиќ поднесе оставка, а владата падна малку подоцна. Затоа, всушност зборуваме за ситуација во Србија за која, за жал, во моментов нема брзо решение на повидок. Но, политиката и постапките на сегашниот претседател пред сè придонесуваат за кризата.“
На дополнително прашање за тоа како тој лично го доживува споменувањето на неговото име од страна на Вучиќ заедно со Јасеновац, Пицула одговори дека претседателот на Србија ја доведува својата земја до степен на карикатура.
„Што се однесува до мене, ова не е негово прво појавување против мене и мислам дека тоа е само показател дека добро си ја работам работата“, рече Пицула.