вторник, 20 мај 2025

Извештај на ЕУ: Медиумскиот плурализам е во егзистенцијална опасност

Плурализам на медиумите во многу земји членки на Европската Унија е задушен од концентрацијата на сопственоста, дури и во земјите со традиционално слободни медиумски пазари, според извештајот во кој се заклучува дека слободата на медиумите се намалува низ цела ЕУ, пренесува Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во извештајот подготвен од Европската унија за граѓански слободи, врз основа на активностите на 43 организации за човекови права од 21 земја, се наведува дека властите во неколку земји членки на ЕУ ја потиснуваат слободата на медиумите или ја ослабуваат независноста и регулацијата на медиумите.

Со слабите правила за транспарентност на сопственоста, растечко влијание на националните влади врз јавните медиуми и заканите за новинарите, слободата и плурализмот на медиумите се загрозени низ цела ЕУ, а во некои случаи се наоѓаат и во егзистенцијална борба, се наведува во извештајот.

Европскиот акт за слобода на медиумите се соочува со отпор уште пред усвојувањето

„Ова не е изненадување. Настојувањата на владите да го поткопаат владеењето на правото и демократските институции речиси секогаш започнуваат со настојувања за контрола на медиумскиот пејзаж во нивната земја“, вели Џонатан Деј, главен уредник на извештајот.

Деј вели дека обидот на ЕУ да ја заштити слободата на медиумите, Европскиот акт за слобода на медиумите, се соочува со отпор дури и пред да целосно да стапи на сила. Успехот на неговата имплементација би можел да биде клучен за слободата на медиумите во некои членки на ЕУ.

Во извештајот особено се истакнува прекумерната концентрација на сопственост на медиуми како загрижувачка појава во Хрватска, Франција, Унгарија, Холандија, Словенија, Шпанија и Шведска, при што сопственоста често е сконцентрирана во рацете на неколку екстремно богати поединци.

Ова е дополнително влошено од недоволната транспарентност на сопственоста на медиумите, се вели во извештајот, при што многу членки не успеале да воспостават јавно достапни бази на податоци кои ги бара Европскиот акт за слобода на медиумите, а повеќето одредби стапуваат на сила во август.

Обврзувачкиот акт има за цел да ја гарантира заштитата на новинарите и изворите, независноста на регулаторните тела и целосна транспарентност на сопственоста, но многу членки изгледаат неподготвени целосно да го спроведат, се наведува во извештајот.

Бониер поседува 43 отсто од сите дневни весници во Шведска

Франција се соочува со значителни предизвици во однос на медиумскиот плурализам, се наведува во извештајот, во кој се забележува префрлањето на групацијата Ашет во рацете на Винсент Болоре и назначувањето директори наклонети кон ставовите на конзервативниот милијардер во неколку негови издавачки куќи.

Во Италија, во извештајот се забележува планираното преземање на АГИ, водечката новинска агенција, која сега е во сопственост на групацијата Ангелучи, контролирана од Антонио Ангелучи, парламентарец од крајно десничарската партија Лига. Анџелучи веќе ги контролира италијанските весници Ил џорнале, Либеро и Ил темпо.

Бониер поседува 43 отсто од сите дневни весници со претплата во Шведска, додека Шибстед поседува 13 весници, вклучувајќи ги Афтонбладет и Свенска дагбладет. Во Холандија, РТЛ Недерланд и Таипа нетворк заедно имаат повеќе од 75 отсто од телевизискиот пазар.

На холандскиот пазар на интернет медиуми доминираат интернет страници во сопственост на ДПГ медиа, Медиахуис и РТЛ Недерланд, при што ДПГ медиа на крајот на 2023 најави планови за преземање на РТЛ Недерланд, што е под истрага на регулаторното тело за заштита на потрошувачите и пазарот.

Дигитализацијата и падот на читаноста на локалните весници

Загриженоста за плурализмот расте и во Германија, каде што многу локални весници, погодени од дигитализацијата и падот на читатаноста, ги затвораат своите канцеларии. Речиси половина од сите германски издавачи на весници го намалија бројот на уреднички персонал, а 62 отсто очекуваат дополнителни намалувања.

Концентрацијата на сопственоста на медиумите и мешањето на државата во медиумите се на врвот во Унгарија, каде што Централноевропската фондација за печат и медиуми, управувана од лојални луѓе на премиерот Виктор Орбан, поседува неколку стотици медиумски компании.

Олигарсите блиски до Орбан почнаа да ги купуваат водечките медиуми во 2010 година, а потоа ги „донираа“ на Централноевропската фондација за печат и медиуми, која од 2018 година функционира како централизиран, провладин медиумски конгломерат финансиран од државни реклами, се наведува во извештајот.

Освен во Унгарија, владите, според извештајот,  вршат влијание врз националните медиуми преку нетранспарентно распределување на државните средства за рекламирање или фаворизирање на медиуми блиски до властите, во Бугарија, Хрватска, Грција, Малта, Словенија и Шпанија.

Во извештајот се наведува дека јавните медиуми целосно станале портпароли на власта во Унгарија и дека овој тренд се шири и во Словачка, каде што новите закони ги укинаа заштитните мерки за уредувачката независност. Јавните медиуми се исто така ранливи и во Хрватска, Грција, Бугарија и Италија.

Новинарите се изложени на говор на омраза и напади

Извештајот, исто така, тврди дека новинарите сè уште се изложени на говор на омраза и физички напади и трпеле полициско насилство во 2024 година во Франција, Германија, Грција, Унгарија и Шпанија. Во некои земји, новинарки биле непропорционално често цел на напади.

Се наведува дека злоупотребата на тужбите за СЛАПП (стратегиски акции против учеството на јавноста) е потенцијално егзистенцијална закана во најмалку десетина земји членки на ЕУ, а словачкиот премиер Роберт Фицо поднел еден случај на СЛАПП тужба против новинар.

Јавните службеници, исто така, им ја отежнувале работата на новинарите со одбивање или директно ускратување на барања за пристап до информации во неколку земји, вклучувајќи ги Бугарија, Германија, Грција, Малта, Холандија и Шпанија, се наведува во извештајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ