Тој во изјавата рече дека за разлика од претходните пати, израелската армија нема да се евакуира од „областите што се исчистени и заземени“.
Армијата „ќе остане во безбедносните зони како тампон меѓу непријателот и (израелската) заедница во Газа, како и во Либан и Сирија“.
Израелските сили зазедоа големи делови од Газа во последниве недели во обновените напади за притисок врз Хамас да ги ослободи заложниците откако Израел го прекрши примирјето минатиот месец.
Израел, исто така, одби да се повлече од некои области во Либан по прекинот на огнот со милитантната група Хезболах минатата година, а окупираше тампон-зона во јужна Сирија по соборувањето на претседателот Башар Асад.
Израел тврди дека мора да ја задржи контролата врз таквите територии за да спречи повторување на нападот на Хамас од 7 октомври 2023 година, во кој илјадници милитанти влегоа во јужен Израел од Газа.
Појасот Газа стана масовна гробница за Палестинците и оние што им помагаат, соопшти денеска невладината организација Лекари без граници (МСФ).
„Сведоци сме на уништување и присилно раселување на целото население на Газа“, изјави координаторката за итни случаи на Лекари без граници во Газа, Аманда Базерол.
Серијата смртоносни напади на израелските сили покажуваат дека „безбедноста на хуманитарните и медицинските работници во Газа е занемарена“, според МСФ, чии 11 вработени се убиени од почетокот на војната на палестинска територија.
„Ги повикуваме израелските власти веднаш да ја укинат нехуманата и смртоносна опсада на Газа, да ги заштитат животите на Палестинците, како и животите на хуманитарниот и медицинскиот персонал, и да соработуваат во повторното воспоставување и одржување на прекинот на огнот“, се додава во соопштението на невладината организација.