четврток, 2 април 2026

Израелските напади на Либан раселиле повеќе од милион луѓе

Во Либан се развива хуманитарна криза од огромни размери предизвикана од израелските воени напади, што доведе до значителни цивилни жртви и раселување на повеќе од еден милион луѓе, според податоците од непрофитната организација „Проект ХОУП“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хуманитарните работници во Бејрут пријавуваат недостиг од чиста вода, хигиенски средства и клучни лекови. „Работата е огромна. Токму кога ќе покриеме специфични потреби во едно засолниште, тие доаѓаат кај нас со нови потреби“, кажа Рој Сајег, раководител на организацијата „Проект ХОУП“ во Либан. Неговиот тим работи дење и ноќе за да дистрибуира хигиенски пакети и постелнина на раселените семејства.

Тимот обезбедува и непрекината медицинска грижа за старите лица и хронично болните, што е посебен предизвик во услови на раселување. „Еден од предизвиците на раселувањето е прекинатиот пристап до клиниките“, изјави Сајег за Си-ен-ен. „Ова е исклучително важно бидејќи луѓето кои страдаат од хипертензија или дијабетес не смеат да останат без своите лекови“.

Организацијата обезбедила бесплатна здравствена заштита за повеќе од 1.200 луѓе низ целата земја преку мобилни медицински тимови и го одржува работењето на медицинските центри, дури и во областите погодени од воздушните напади. Хигиенски средства биле доставени до околу 2.000 луѓе, но потребите се многу поголеми.

Според најновиот извештај на „Проект ХОУП“, околу 136.000 луѓе моментално живеат во преполните засолништа. „Колку подолго трае ова и колку подолго е раселувањето, толку повеќе потреби се појавуваат“, додаде Сајег. Либанското Министерство за здравство во вторникот објави дека најмалку 1.345 луѓе биле убиени, а 4.040 ранети во израелското бомбардирање наводно насочено против Хезболах.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ