сабота, 28 март 2026

Израелски војници нападнале и привеле екипа на Си-ен-ен на Западниот Брег: „Го зграпчи снимателот“ (ВИДЕО)

Дванаесет часа откако израелски доселеници брутално нападнале неколку Палестинци и во нивното село подигнале ново нелегално населено место, интервенирала израелската војска. Но наместо да ги приведе доселениците или да го отстрани нелегалното населено место, војниците се насочиле кон палестинските жители на селото Тајасир и екипата на Си-ен-ен што известувала за упадот.

Фото: скриншот

Објавено на

часот

Сподели

„Стој! Седнете! Седнете!“, викал еден од израелските војници, вперувајќи ја пушката директно кон новинарите и Палестинците со кои разговарале. Седумдесет и три секунди подоцна, еден војник му пришол одзади на фоторепортерот на Си-ен-ен, Кирил Теофилос, го фатил во гушење, го соборил на земја и му ја оштетил камерата. За неколку минути, војниците ја привеле новинарската екипа и неколку Палестинци што се нашле на местото, пишува Си-ен-ен.

Двата часа поминати во притвор ја откриле идеологијата на доселениците што ги мотивира многу војници на окупираниот Западен Брег, како и начините на кои војската често дејствува во служба на доселеничкото движење. Нивните коментари ги потврдуваат многубројните докази собрани од новинари, активисти и Палестинци, кои покажуваат дека израелските војници поддржуваат или пасивно набљудуваат напади на доселеници врз Палестинци и присвојување на нивната земја.

Еден израелски војник, кој се претставил како Меир, признал дека населбата што ја штити во Тајасир е нелегална според израелското право, кое инаку постојните населби ги смета за легални и покрај меѓународното право. „Но ова ќе стане легална населба“, рекол Меир. „Полека, полека.“ На прашањето дали помага во тоа, одговорил: „Секако… му помагам на својот народ.“

Меир ја опишал тактиката на доселениците: да воспостават населби на палестинска земја, да сметаат на заштита или пасивност од израелската војска и на крај да добијат владина одлука со која населбата се легализира. Сегашната израелска влада, најдесната во историјата на земјата, легализирала десетици такви населби од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Меир и друг војник — оној што го нападнал Теофилос — повеќепати повториле дека целиот Западен Брег му припаѓа на Израел и на еврејскиот народ, користејќи ја реториката на крајнодесните министри во владата. Исто така, сите Палестинци ги опишале како терористи и зборувале за одмазда. Војниците рекле дека му се пријатели со Јехуда Шерман, 18-годишен израелски доселеник за кого израелските власти тврдат дека бил убиен од палестински возач, кој го удрил со возило. Палестинците од тоа подрачје го оспоруваат тоа и велат дека Шерман се обидувал да украде овци.

„Ако вам ви го убијат братот, што би направиле?“, прашал еден од војниците. На прашањето дали станува збор за одмазда, Меир потврдил: „Одмазда.“ На прашањето дали е нормално војници да спроведуваат одмазда, рекол: „Гледајте, на крај, ако државата не се справи со оние што го убиле тој млад човек… што очекувате ние да направиме?“

 

View this post on Instagram

 

A post shared by CNN (@cnn)

Насилството од доселениците нагло порасна по нападот на Хамас на 7 октомври, поттикнато од опасна мешавина од желба за одмазда и потези на израелската влада насочени кон проширување на населбите на Западниот Брег. Нападите, кои израелските активисти за човекови права и новинари сè почесто ги опишуваат како еврејски тероризам, повторно се засилија во последните недели во услови на војната со Иран, која го одвлече вниманието на јавноста.

Израелската војска за Си-ен-ен рекла: „Постапките и однесувањето на војниците во овој инцидент не се во согласност со она што се очекува од војниците на ИДФ, кои дејствуваат во подрачјето на Јудеја и Самарија.“ Војската соопшти дека инцидентот ќе биде „темелно истражен“, но не одговорила на прашањата на Си-ен-ен за населбата спомената во прилогот ниту за порастот на насилството од доселениците на Западниот Брег.

Лежејќи во болнички кревет, Абдула Дарагме сведочи за тоа насилство. Овој 75-годишник е крвав и полн со модринки, а лицето му е отечено од брутален напад во кој му била скршена черепната коска, повеќе коски на лицето и му биле избиени неколку заба. Неговото семејство и повеќе очевидци од Тајасир изјавиле дека доселеници упаднале во неговиот дом среде ноќ и го претепале. Неговиот син Сами Дарагме рекол дека го нашол татко си крвав во кревет. „Спиеше“, рекол. „Ова не е нормално.“

Според жителите, доселениците упаднале во Тајасир во четвртокот рано наутро, пукајќи во воздухот и тепајќи неколку Палестинци. До зори, во селото никнало ново населено место.

„Ова е мојата куќа, а не се осмелувам во неа да спијам“, рекол жителот Имад Дабак, гледајќи кон новото населено место во близина на својот дом. „Вечерва ги земам децата и заминувам.“ Тој рекол дека војската покажала дека нема намера да ги отстрани доселениците. Ако се вратат, единствено што му останува е да ги снима. „Ако дојдат, само ќе го држам телефонот и ќе снимам… Не смеам ни да ги оттурнам ни да ги допрам — ќе ме одведат во полиција и ќе ме затворат, ако претходно не ме убијат“, рече Дабак. „Камерата е моето единствено оружје — единственото со кое можам да докажам дека сум невин.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ