Според текстот објавен денес на веб-страницата на БИРН, Елбит системс ќе има 51 процент сопственост во фабриката за дронови, а 49 проценти ќе бидат дел од Југоимпорт СДПР, српска државна компанија за трговија со оружје, одбранбена опрема и трансфер на технологија поврзана со домашната воена индустрија.
Отворањето на фабриката го најави на почетокот на март претседателот на земјата Александар Вучиќ.
„Наскоро ја отвораме првата фабрика за сериозни дронови, тука во нашата земја, многу сериозни, од најсериозна светска продукција“, кажа тој на 7 март, наведувајќи дека странскиот партнер е од Израел и дека производството би можело да почне уште во април, но не го откри името на компанијата.
Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), кој ја следи глобалната трговија со оружје, Елбит системс е водечка израелска компанија за оружје и воена опрема. Повикувајќи се на мартовски напис во Џерусалим пост, БИРН наведува дека Елбит системс сега е најголемата израелска компанија по пазарна вредност на берзата во Тел Авив.
Повикувајќи се на извештајот на специјалната известувачка на Обединетите нации Франческа Албанезе, „Од економијата на окупација до економијата на геноцид“, Елбит системс е наведена меѓу компаниите кои „придонесуваат за развој на алатки за надзор, контрола на толпа, урбана војна, препознавање на лица и целна ликвидација – алатки кои се тестираат во пракса врз Палестинците“.
Израел и Србија веќе имаат развиено соработка во оружјето. Од почетокот на 2023 година, извозот на оружје и муниција од Србија во Израел драматично порасна и продолжи дури и откако владата целосно го забрани извозот на оружје на 23 јуни 2025 година, објавија претходно српските медиуми.
Вредноста на извозот на муниција и оружје од Србија во Израел се зголеми за 42 пати од 2023 година и достигна 114 милиони евра на крајот од минатата година, и покрај бројните апели на експертите на Обединетите нации да се запре продажбата на воена опрема на Израел поради геноцидот на израелските сили врз Палестинците во Појасот Газа.
Поголемиот дел од овој извоз е реализиран преку СДПР, наведува БИРН.
На прашањата за идната фабрика за дронови упатени до СДПР и израелската компанија не добиле одговор од српската државна компанија, а Елбит системс биле кратки: „Без коментар“.
Според документи во кои имале увид БИРН, кои биле потврдени од два независни извори блиски до воената индустрија, се планира производство на два вида дронови – модел со краток дострел со голем товар и ротирачки крила, и понапреден и побрз модел со долг дострел, кој може да лета на висини над шест километри.
Извор запознаен со договорот вели дека дронот со долг дострел е „понапреден“ од „пегасус“, борбено-извидувачки дрон кој Србија веќе го произведува.
„Има поголема висина на лет и поголема оперативна автономија. Суштината на целата приказна е трансферот на технологија, бидејќи на него ќе работат и нашите инженери, а тој дрон е всушност круната на целиот проект“, вели изворот кој го цитираат авторите на текстот.
Според изворот на БИРН, во процесот на производство ќе бидат вклучени и експерти од Утва од Панчево, фабрика за лесни спортски авиони и авиони за обука, која е во сопственост на СДПР.






